ПЕНДАРОВСКИ ЌЕ УРГИРА КАЈ ЕРДОГАН ЗА ЕКСТРАДИЦИЈА НА ПАЛЧО, НЕ ОЧЕКУВА ТУРЦИЈА ДА УЦЕНУВА СО ЕКСТРАДИЦИИ НА ЃУЛЕНИСТИ

    ПЕНДАРОВСКИ ЌЕ УРГИРА КАЈ ЕРДОГАН ЗА ЕКСТРАДИЦИЈА НА ПАЛЧО, НЕ ОЧЕКУВА ТУРЦИЈА ДА УЦЕНУВА СО ЕКСТРАДИЦИИ НА ЃУЛЕНИСТИПрашан дали може да биде обвинет дека се меша во независноста на судската власт во Турција, претседателот кажа дека случајот е премногу крупен за да се развлече по бирократски лавиринти Од инаугурацијата на Ердоган за претседател - 3 јуни 2023 (Фото:Претседател на РСМ)

    Претседателот Стево Пендаровски најавува дека ќе ургира кај колегата Реџеп Таип Ердоган за да се убрза екстрадирањето од Турција на главниот осомничен за убиството на Вања Ѓорчевска (14) и Панче Жежовски (17), Љупчо Палевски-Палчо, кој е таму во екстрадиционен притвор.

    Тој во интервју за емисијата „360 степени“ емитувана во понеделник навечер на националнот јавен сервис МРТ 1, кажа дека не треба постапката да зашета по бирократски лавиринти и со тоа да се раздолжи, бидејќи станува збор за крупен случај. Прашан дали може да биде обвинет дека се меша во независноста на судската власт во Турција, тој одговори:

    „Барањето за екстрадиција на Палевски е работа на министерот за правда кој тоа и го направи, меѓутоа случајот е прекрупен за да оставиме туку така да се одвива по некои бирократски коридори и тоа не дај боже да трае со месеци или со години. Размислувам во следните денови да испратам порака до претседателот Ердоган за екстрадицијата на Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, да се случи побрзо“, кажа Пендаровски.

    На прашањето, пак, дали е можно да има одолговлекување од турска страна, поврзано со барањата на Турција за испорака на припадници на ФЕТО од Северна Македонија, претседателот рече дека лично до него од Ердоган во 2019 година дошло такво барање како услов за Турција да го ратификува протоколот за пристапување на земјава во НАТО.

    „Му ја објаснив ситуацијата на претседателот Ердоган од сите аспекти, вклучувајќи го и неспорниот факт дека ние сакаме да станеме членка на Алијансата во која има и други прилично моќни држави кои кон нас испорачуваат сосема спротивни барања, дека ако тоа и тоа се случи ќе имате проблеми од друг тип со други ратификации во истиот процес на пристапување. Ердоган совршено ме разбра и наредниот ден координаторот во турскиот парламент од неговата пратеничка група доби задача и во 24 часа ја ратификуваа таа спогодба, без воопшто да има барања во однос на тие 15 лица нешто конкретно. Иако во тоа време нашето МНР даде дециден одговор дека значаен дел од тие лица не се на наша територија, а за другите до таа бројка од 15, побара дополнителни аргументи дека станува збор за припадници на терористичка акција“, кажа Пендаровски.

    ФЕТО е термин кој го користи турската влада кога зборува за поддржувачите на Фетула Ѓулен, турски клерик кој живее во Соединетите Американски Држави. Претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата администрација ги обвинуваат поддржувачите на Ѓулен дека го организирале на неуспеашниот обид за државен удар во август 2016 година во Турција.

    Пендаровски рече дека според информациите од разузнавачки карактер кои тој ги добива, најголем дел т.н. „ѓуленисти“ не се повеќе во земјава.

    „Досега тоа не било покренато на ниедно ниво, инаку нема потреба да имате ваков случај за тоа прашање да се покрене. Турските власти знаеја во тој период и по други поводи да го покренуваат. До овој момент до мене не е дојдено такво барање“, одговори Пендаровски на прашањето дали таа тема со барање на припадници на ФЕТО во Македонија е ставена ад акта.

    Екстрадицијата е строго пропишана процедура, која мора да се почитува, макар и сторител на кривично дело фатен во странство, да се снимал со камера кога го вршел делото. Министерството за правда треба преку Министерството за надворешни работи да испрати документи со докази за да ја оправда основаноста на сомневањата на сторените кривични дела од страна на лицето кое го бара да се испорача пред домашните судски органи.

    Мора да се испочитуваат и роковите за жалба, а тоа не може да се случи во една недела.

    Љупчо Палевски доби екстрадиционен притвор во Турција, во траење од 40 дена.

    Од досегашните собрани докази и изјави, постои основано сомнение дека на 22 ноември, четворица осомничени на чело со Палевски, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на Жежовски од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил „цитроен“ за тие да го искористат за грабнување на малолетната Вања Ѓорчевска од Скопје, ќерка на еден од овие осомничени и притворени.

    Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде го убиле со истрел од огнено оружје од еден од осомничените.

    Како што велат од Обвинителството, на 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на деветтоодделенката Вања Ѓорчевска, со намера да ја присилат нејзината мајка да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил на веќеу биениот и закопан Жежовски.

    Подоцна на свиреп начин и со умисла го убиле девојчето, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот „цитроен“.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира