ПЕНДАРОВСКИ МУ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА ЕВРОКОМЕСАРОТ ВАРХЕЈИ ЗА 119-ТЕ ИЛЈАДИ ВАКЦИНИ КОИ МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА ГИ ДОБИЕ ОД ЕУ

    ПЕНДАРОВСКИ МУ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА ЕВРОКОМЕСАРОТ ВАРХЕЈИ ЗА 119-ТЕ ИЛЈАДИ ВАКЦИНИ КОИ МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА ГИ ДОБИЕ ОД ЕУПретседателот Пендаровски и комесарот Вархеји разговарале и за важноста што поскоро одржување на меѓувладината конференција.(Фото: Кабинет на Претседател)

    Претседателот Стево Пендаровски во рамките на посетата на Брисел денеска се сретна со еврокомесарот за добрососедска политика и проширување Оливер Вархеји. Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, на средбата Пендаровски се заблагодарил за ангажманот на Вархеји за реализација на договорот за распределба на 651.000 дози од вакцината „Фајзер“ за земјите од Западен Балкан, од кои нашата држава ќе добие 119.000 вакцини.

    „Претседателот порача дека е клучно да се забрза процесот на вакцинација во претстојниот период и да се овозможи животот да се врати во нормала што побрзо, заблагодарувајќи се на ЕУ за целокупната поддршка и помош во справувањето со пандемијата, како и за демонстрираната солидарност“, велат од Кабинетот на Пендаровски.

    Од таму велат дека на средбата се разговарало за можностите за исчекор на Северна Македонија во евроинтеграциите, во контекст на претстојните состаноци во рамките на Европската Унија што треба да се одржат во мај и јуни годинава, како и билатералните прашања врзани со добрососедските односи, а се разговарало и надминување на проблемите со Бугарија.

    „Претседателот Пендаровски и комесарот Вархеји ја посочија важноста за скорешно одржување на меѓувладината конференција и формалниот почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија“, се вели во соопштението.

    Во рамки на посетата на Брисел, претседателот Пендаровски денеска ќе има средби и со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, со претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, со потпретседателот на Европската Комисија и Висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, како и со европратеникот и известител за Република Северна Македонија, Илхан Кјучук.

    Претседателот Пендаровски утре ќе има средба со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира