Пет лица загинале, а 54 се повредени во сообраќајни несреќи годинава и лани на патот од Кичево до Охрид, каде десет години траат градежните работи за изградба на автопатот. Автопатот во должина од 57 километри почна да се гради во 2014 година, во време на ВМРО-ДПМНЕ кога премиер беше Никола Груевски, и сѐ уште не е завршен, ниту пак ќе биде годинава.
Според податоците на СВР Охрид, во 2022 година случени се 3 сообраќајни несреќи во кои животот го загубиле 3 лица и 13 сообраќајни несреќи во кои 20 лица добиле тешки телесни повреди и 14 лица лесни телесни повреди. Во 2023 година во две сообраќајни несреќи животот го загубиле 2 лица, додека во 14 сообраќајни незгоди 19 лица имале тешки телесни повреди и едно лице поминало со лесни телесни повреди.
Лани во ноември премиерот Димитар Ковачевски на увид на градежните работи на автопатот кажа дека се работи со засилено темпо и дека очекува да биде готов до крајот на 2023 година. И министерот за транспорт и врски Благој Бочварски неколку пати повторуваше дека до крајот на 2023 година градежните работи ќе бидат завршени.
Но, на терен градежните работи не се одвиваат со засилено темпо. Ниту еден дел од автопатот не е комплетно завршен, па и понатаму е мачно и опасно да стаса до Охрид. Во моментов, градежни машини и работници има само во делот пред влезот на Охрид.
- ОЧЕКУВАМ АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД ДА БИДЕ ГОТОВ ДО КРАЈОТ НА НАРЕДНАТА ГОДИНА, КАЖА КОВАЧЕВСКИ
- АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД МОРА ДА СЕ ЗАВРШИ ДО КРАЈОТ НА 2023, ЌЕ НЕМА ПОВЕЌЕ ОТСТАПКИ, КАЖА БОЧВАРСКИ
- ДО КРАЈОТ НА СЛЕДНАТА ГОДИНА ЌЕ БИДАТ ГОТОВИ 20 КИЛОМЕТРИ ОД АВТОПАТОТ ОХРИД-КИЧЕВО, РЕЧЕ БОЧВАРСКИ
Министерот Бочварски, за разлика од лани, сега не кажува кога ќе биде готов автопатот што се гради десет години.
„Стоиме на ставот дека сите патишта кои ги започнавме треба да направиме максимални напори да ги завршиме, како и автопатот Кичево-Охрид, кој го затековме со голем број проблеми. Проблемите се решаваат и отстрануваат, а веќе се поставува и третиот слој асфалт. Ние правиме притисоци да почне сукцесивно дел по дел да се пушта автопатот од тоа што е подготвено. Ќе почне асфалтирање на третиот слој од Охрид кон Подмоље, продолжуваме кон аеродромот во Охрид, Ботун и кон Кичево. Правиме притисоци фирмите да си ја завршат работата, бидејќи институциите својата работа ја завршија“, рече Бочварски минатата недела на увид на градежните работи за рехабилитација на автопагтот Скопје-Тетово.
Автопатот Кичево-Охрид до овој момент со сите анекс договори чини преку 600 милиони евра. Започна да се гради на 22 февруари 2014. Кредитот за оваа капитална инвестиција беше земен од кинеската банка „Ексим“ и државата треба да го врати за 20 години. Во октомври 2013, Собранието го одобри кредитот, а во ноември беше потпишан договорот меѓу македонската Влада и кинеската компанија.
Тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ вети дека новиот автопат ќе биде готов за 4 години, до 2018 година. Но, со доаѓањето на власт на СДСМ во 2017, беше кажано дека проектот е утнат, има еден куп нерешени проблеми на трасата. Првичниот проект претрпе промени поради несовпаѓање на проектираната и изведената траса, градежните активности беа сопрени, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните и беше потпишан нов анекс договор со кинеската фирма од дополнители 185 милиони евра.
За изградба на автопатот Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип се водеше и судскиот процес „Траекторија“ во кој обвинети беа експремиерот Никола груевски, тогашниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Груевски во меѓувреме избега во Будимпешта за да се спаси од десетина обвиненија за корупција и ги остави своите соработници да одат по судови за различни кривични дела, од изборни измами до висока корупција.
Според обвинението кое за автопатот Кичево – Охрид го поднесе тогашното Специјалното јавно обвинителство, Груевски и соработниците го заобиколиле Законот јавни набавки и само со директен договор со кинеската компанија „Синохидро“ склучен во октомври 2013 година започнала градбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Покрај понудата на „Синохидро“, Владата на тогашниот премиер Груевски добила преку Пешевски и Јанакиески понуда и од компанијата „СВЕ“. Дополнително, „СВЕ“ самоиницијативно ѝ дала понуда на Владата за изградба на автопатите со пониска сума од 4.800.000 евра. По доставените две понуди, Пешевски и Јанакиески првин ги повикале двете компании, а потоа ја прекинале комуникацијата со „СВЕ“. Како одело пазарањето и барањето провизии од Кинезите слушнавме и во објавените прислушувани разговори.
- ОТВОРЕНА ПРЕДИСТРАГА ЗА „5% ОД ЦЕЛОТО“, ПРОВИЗИЈАТА ШТО ЈА БАРА ГРУЕВСКИ ОД КИНЕЗИТЕ ОД КРЕДИТОТ ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТИТЕ
- НЕ МОЖЕ ЕДЕН ДА ДОГОВАРА, А ДРУГ ДА МЕСТИ, СРАМОТА Е, МУ ПИШАЛ СТАВРЕСКИ НА ЈАНАКИЕСКИ ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИ
Според обвинението, државниот буџет бил оштетен за 155.117.256 евра, а тоа е разлика меѓу цената која ја плаќаме како држава на „Синохидро“ и цената која таа ја плаќа на подизведувачите кои ги градат автопатите.
Судскиот процес за „Траекторија“ почна во 2018 година, но се влече со години. Во јуни 2021 година беше вратен на повторно судење откако беше разрешен судијата што го водеше.
Во меѓувреме, делото за кое беше обвинет Груевски застаре, па обвинети останаа Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и тогашниот директор на Државни патишта Љупчо Георгиевски.
А. АНТЕВСКА