ПО ПРИЈАВА ЗА СОБИРАЊЕ ПО ДОМА МОЖЕ ДА ИНТЕРВЕНИРА И МВР И ИНСПЕКТОРАТОТ, НО ВЕРУВАМЕ ВО СОВЕСНОСТА НА ГРАЃАНИТЕ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ПО ПРИЈАВА ЗА СОБИРАЊЕ ПО ДОМА МОЖЕ ДА ИНТЕРВЕНИРА И МВР И ИНСПЕКТОРАТОТ, НО ВЕРУВАМЕ ВО СОВЕСНОСТА НА ГРАЃАНИТЕ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕМинистерот неколку пати на денешната прес-конференција потенцирашае дека засега не разговарале ниту размислувале за повторно воведување на полициски час; - Градски парк во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Голем предизвик ќе претставува контролирањето на тоа колку гости имаат луѓето по дома, одговори министерот за здравство Венко Филипче на новинарско прашање по најавата за предлогот на Комисијата за заразни болести да се забранат семејни прослави, забави, слави и други собири. Во домовите може да се примат најмногу четворица гости, за да се избегне забавите да се префрлат од кафулињата и рестораните во домашни услови.

    „Свесни сме дека апсолутно еден сериозен дел од тоа како ќе се спроведува оваа мерка отпаѓа на самите граѓани. Треба да се свесни зошто ова го препорачуваме, затоа што изминатиов период на такви настани имаше трансмисија на вирусот. Технички и формално, по пријава може секогаш да интервенира и полицијата и инпекторатите, но многу е важно граѓаните да се свесни што треба да избегнуваат во периодот кој е пред нас, како големи семејни настани, слави и слично. Верувам дека ќе бидат свесни граѓаните“, кажа Филипче.

    Министерот неколку пати на денешната прес-конференција потенцирашае дека засега не разговарале ниту размислувале за повторно воведување полициски час.

    „Но, ако сметаме дека тоа е единствената мерка која ќе помогне за спречување на ширење на вирусот, ќе го воведеме. Не е исклучено ниту тоа. Но, засега не“, рече Филипче.

    За одлуката да се отворат границите со Србија, Албанија, Косово и Црна Гора без ПЦР-тест, министерот вели дека на почетокот на кризата најголем ризик беше увоз на коронавирусот, но сега тоа е локалната трансмисија.

    „Многу мал процент, до 3%, се заразиле надвор. Во таа смисла, транзит преку границите согласно нашиот договор сметаме дека не е ризик, затоа што е слична или иста епидемоилошката ситуација, и секаде важат речиси истите мерки. На почетокот на кризата многу малку се знаеше за вирусот, и затоа беа тогаш мерките од карантини и ограничување во движењето. Секаде се препорачуваат маските и дистанцата. Најавениот викенд без ДДВ не е ризик, затоа што има протоколи. Никаде во продавниците нема да се пушта поголема група, ќе се носат маски и тоа е доволно“, рече Филипче.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира