ПОДГОТВЕНИ СМЕ ЗА СЛЕДНИТЕ ЧЕКОРИ ОД ПРЕГОВАРАЧКИОТ ПРОЦЕС, КАЖА СПАСОВСКИ НА САМИТОТ НА ЕУ И ЗАПАДЕН БАЛКАН

    ПОДГОТВЕНИ СМЕ ЗА СЛЕДНИТЕ ЧЕКОРИ ОД ПРЕГОВАРАЧКИОТ ПРОЦЕС, КАЖА СПАСОВСКИ НА САМИТОТ НА ЕУ И ЗАПАДЕН БАЛКАНСамитот се одржа преку видео-конференција поради пандемијата на КОВИД-19.(Фото: Влада)

    Подготвени сме за следните чекори и ќе работиме посветено со Европската комисија што поскоро да ја закажеме првата меѓувладина конференција која ќе го означи практичниот дел од преговарачкиот процес, кажа премиерот Оливер Спасовски на Самитот на Европската унија и Западен Балкан. Самитот кој се одржа преку видео-конференција поради пандемијата на КОВИД-19 го организираше Хрватска која е актуелен претседавач со Европската унија.

    „Северна Македонија во последните 3 години реши сериозно да заврти нови страници во својата историја. Излеговме од длабока политичка криза и ги возобновивме демократските институции и владеењето на правото. Испорачавме конкретни и одржливи резултати во спроведувањето на ЕУ поврзаните реформи и во добрососедските односи. Станавме 30. членка на НАТО и добивме одлука за почеток на ЕУ пристапните преговори. Подготвени сме за следните чекори и ќе работиме посветено со Комисијата и ЕУ Советот што поскоро да ја закажеме Првата Меѓувладина конференција која ќе го означи практичниот дел од преговарачкиот процес согласно новата методологија“, рече Спасовски во обраќањето на самитот на ЕУ и Западен Балкан.

    Спасовски се заблагодари на помошта од ЕУ за здравствениот сектор за справување со корoнавирусот, на финансиски пакет за соочување со социо-економските последици како и на макро финансиската помош, како што кажа, ќе биде нивно важно надополнување.

    Во работниот дел на Самитот покрај премиерот Спасовски, учествуваа вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Лидерите на земјите членки на Европската унија и  на земјите од Западен Балкан дискутираа за соработката за справување со коронавирус, како и за европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира