Поднесено е обвинение за анестезиологот од тетовската Клиничка болница д-р Ваљтон Дервиши, кој снимал и објавувал снимки од пациенти и вработени во болницата на ТикТок. Основното јавно обвинителство Тетово до Основниот суд во Тетово поднесе Обвинителен предлог против анастезиологот за кривични дела – Несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1, како и Неовластено снимање според член 152 став 2 од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител побарал на анестезиологот-тиктокер, да му се продолжи мерката притвор. На 15 април, Дервиши доби осумдневен притвор по предлог на Обвинителството и судија на претходна постапка од Основниот суд Тетово.
„Во спроведената претходна постапка беа прибрани докази кои го поткрепуваат основаното сомнение дека обвинетиот, како службено лице – анестезиолог вработен во ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, на 14 април неовластено направил снимка од пациенти и вработени и ја објавил во живо на социјална мрежа, со што постапил очигледно несовесно во вршењето на своите овластувања и должности и потешко ги повредил нивните права“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Четириесет и тригодишниот Дервиши е во притвор откако на ТикТок ги објавуваше пациентките на Гинеколошкиот оддел на тетовската Клиничка болница. Во таканаречен ТикТок предизвик тој имал дијалог со друг тиктокер и снимајќи се вулгарно ги коментирал пациентките кои беспомошни лежеле на тетовска Гинекологија.
Откако снимките беа објавени и предизвикаа голема вознемиреност во јавноста, полицијата го приведе анестезиологот. Случајот го пријави директорот на Клиничката болница од Тетово Плумб Вела.
Mинистерот за здравство Фатмир Меџити потоа го разреши организацискиот директор Арменд Фазљиу и рече дека е поради тоа што Тетовската болница го толерирала анестиозологот и покрај тоа што снимањето на Тик Ток не му бил прв прекршок. Тој кажа и дека во болницата воопшто немало воспоставено дисциплинска комисија. Бљерим Османи е именуван за нов организациски директор.
САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека петочлена комисија од еминентни професори од Катедрата на анестезија на Медицинскиот факултет на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во 2014 се повлекла и одбила да му ја нострифицира специјализацијата од Косово на Дервиши. Специјализацијата, според извори на САКАМДАКАЖАМ.МК во Министерството за здравство, му е потпишана во 2015 од тогашниот министер Никола Тодоров.
А. АНТЕВСКА