Полицијата и инспекторите итно да ги санкционираат сите собирања и журки на кои не се почитуваат мерките и препораките, побара министерот за здравство Венко Филипче, откако денес на социјалните мрежи се појавија фотографии и видеа од забави во преполни дистотеки.
Филипче на својот фејсбук профил побара младите задолжително да носат маски и да одржуваат хигиена и растојание од најмалку два метра.
„Гледам фотографии на социјалните медиуми од журки и забави во повеќе градови без да се почитуваат протоколите и мерките за заштита од ковид-19. Барам итно надлежните институции МВР и надлежните инспекторати да спроведат истраги и да ги санкционираат овие собирања на недозволен начин. Младите мора во целост да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус, да се заштитат себе си и своите најблиски, да носат задолжително заштитни маски, да одржуваат хигиена и дистанца. Клучно е сите да ги почитуваат мерките за да се спречи ширењето на вирусот и секое непочитување на мерките да биде соодветно санкционирано“, објави Филипче на Фејсбук.
Синоќа во струмичката дискотека „Аватар“ се одржа журка со жива свирка на која присуствувале најмалку 600 луѓе. Од Пазарниот инспекторат велат дека дискотеката не смеела да работа бидејќи поради коронавирусот ноќните клубови немаат дозвола за работа. Од таму изјавија дека од денеска сите локали кои нема да ги почитуваат мерките и препораките веднаш ќе биде затворени.
„Граѓаните немаат свест. Нашите инспектори постојано се под притисоци и закани. Во Струмица праќаме инспектори од Скопје, оти на тамошните им се закануваат газдите на клубовите. Така е и во другите градови. Ние не можеме да ги казнуваме граѓаните кои не носат маски, тоа треба да го прави полицијата, а таа пак не доаѓа секогаш со нас на интервенции. Затоа, од денес веднаш ќе ги затвораме сите објекти каде ќе бидат констатирани неправилности“, рече директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски.
А. АНТЕВСКА