Полицијата денеска прекинала сведба во Кочани. Околу 14 часот во ОВР Кочани било пријавено организирање свадбена прослава на улица Шукри Шаин. По пријавата, полицијата излегла на терен и на свадбата затекнала повеќе граѓани.
„По консултации со дежурен јавен обвинител од ОЈО Кочани од слобода се лишени пет лица, а свадбената прослава е прекината. По целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени кривични пријави по чл. 206 од Кривичниот законик за Непостапување според здравствени прописи“, велат од Министерството за внатрешни работи.
Со одлука на Владата за да се спречи ширење на коронавирусот забрането е правење свадби, како и организирање прослави.
Вчера во земјава како последица на ковид-19 починаа 50 лица, што е најголемата дневна бројка починати од почетокот на пандемијата, активни болни се 20.683, а болниците се прополни со пациенти со тешка клиничка слика.
А. АНТЕВСКА