ПОМИЛУВАНИТЕ ИЛИ ПОД ИСТРАГА НА СЈО НЕ СЕ ПОЖЕЛНИ ВО ПРИВРЕМЕНАТА ВЛАДА

    ПОМИЛУВАНИТЕ ИЛИ ПОД ИСТРАГА НА СЈО НЕ СЕ ПОЖЕЛНИ ВО ПРИВРЕМЕНАТА ВЛАДА

    Учеството на лицата кои се под истрага на Специјалното јавно обвинителство во привремената Влада или било која друга политичка функција не придонесува кон враќање на довербата на граѓаните, е ставот на Холандија, која е претседавач со Советот на Европската Унија.

    Според вчерашното соопштение на Холандската амбасада, овој став во Скопје изминативе два дена го пренесе генералниот директор за европска соработка Роберт де Хроут, кој како претставник на ниво на заменик-министер за надворешни работи на Кралството Холандија престојуваше во Македонија за да разговара за моменталната политичка ситуација.

    Де Хроут се сретна со министерот за надворешни работи Никола Попоски, лидерите на политичките партии кои се потписници на Договорот од Пржино и претставници од невладиниот сектор.

    poposki-de-grot-860x680

    Учеството на лицата кои се под истрага на СЈО или било која друга политичка функција не придонесува кон враќање на довербата на граѓаните, му пренел холандскиот претставник во име на ЕУ Роберт де Хроут на министерот Попоски (Фото: СДК.МК)

    Иако не толку директно, истиот став во четвртокот го искажа и заменик помошникот државен секретар на САД Брајан Хојт Ји, на крајот од дводневната посета во Скопје, и по разговорите со претседателот Иванов и лидерите на ВМРО-ДМПНЕ, СДСМ, ДУИ И ДПА.

    Одговарајќи на новинарско прашање дали може да се очекува експремиерот  Никола Груевски да се врати на чело на Владата, Хојт Ји меѓу другото рече:

    „Ќе ни треба влада со раководство кое е беспрекорно, кое е над секаков сомнеж во врска со неговиот интегритет, ќе ни требаат лидери со докажан учинок дека се способни нивните обврски како лидери да ги извршуваат одговорно и во склад со демократските принципи“.

    Хојт Ји додаде и дека САД го поддржуваат принципот оти на Македонија ѝ треба Влада „која ќе биде способна да ги спроведе реформите на кои се обврза во договорот од Пржино, која ќе може релевантно и ефикасно да работи со меѓународната заедница, која ќе го има неопходниот кредибилитет да ги спроведе реформите, и дома и во работата со меѓународната заедница во привлекувањето странски инвестиции, и која ќе осигура дека земјата ќе добие доволна меѓународна помош да ги спроведе овие реформи“.

    hojt ji 02

    „Ќе ни треба влада со раководство кое е беспрекорно, кое е над секаков сомнеж во врска со неговиот интегритет“, изјави Хојт Ји во четвртокот во Скопје (Фото:СДК.МК)

    Меѓу политичарите под истрага од СЈО кои ги аболицираше претседателот Ѓорге Иванов се експремиерот Никола Груевски, поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, шефот на кабинет Груевски, Мартин Протоѓер и други високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

    Специјалното јавно обвинителство вчера потврди дека до нив стигнале барања од адвокати на осомничени лица за кои се водат истраги, за запирање на постапката.

    Аболицирни се и лидерот на СДСМ Зоран Заев како и екслидерот на оваа партија Бранко Црвенковски.

    Со измените на Законот за помилување,  што во четвртокот ги изгласа Собранието, а вчера експресно ги потпиша претседателот Ѓорге Иванов, се дава можност секој аболициран поединечно да бара од претседателот да ја повлече аболицијата, но и претседателот да може да ја повлече аболицијата во целост. И холандскиот заменик-министер Де Хроут, и Хојт Ји, како и германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл, кој вчера по дводневни средби си замина од Македонија, истакнаа дека одлуката за помилување донесена од Претседателот Ѓорге Иванов треба да биде повлечена сеопфатно и без дискриминација, за да се избегне вкоренување на впечатокот за неказнивост.

    Како што соопшти Холандската амбасада, Де Хроут изрази загриженост за сегашната ситуација „која е разединувачка и неодржлива, и која може да се подобри единствено преку инклузивен процес заснован на транспарентност и одговорност од сите чинители“. И тој, како претходно ЕУ и САД,  пак ја потенцирал потребата за одговорност и почитување на владеењето на правото од сите, што истовремено подразбира активна поддршка од сите вклучени страни за непречено функционирање на Специјалното јавно обвинителство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари