ПРЕДЛОГОТ УТВРДЕН СО ЦИПРАС ЗНАЧИ КОМПЛЕТНО РЕШАВАЊЕ НА СПОРОТ ЗА ИМЕТО, РЕЧЕ ЗАЕВ

    ПРЕДЛОГОТ УТВРДЕН СО ЦИПРАС ЗНАЧИ КОМПЛЕТНО РЕШАВАЊЕ НА СПОРОТ ЗА ИМЕТО, РЕЧЕ ЗАЕВ„Ако, не дај боже, не се постигне решение, тоа нема да доведе до дестабилизација на земјава. Ние градиме и ќе градиме пријателства. Верувам дека можеме да дојдеме до решение", рече Заев по средбата со британската премиерка Тереза Меј (Фото: М. Златевска)

    Опцијата за предлогот кој го договориле со грчкиот премиер Алексис Ципрас е комплетно решавање, во кое се вклучени сите прашања во спорот за името со Грција, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање на прес-конфереција по средбата со британската премиерка Тереза Меј попладнево во Владата. Заев рече дека сега предложеното решение кое било договорено на средбата на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија ќе се разгледува во двете земји да се види дали е прифатливо.

    „Ако, не дај боже, не се постигне решение, тоа нема да доведе до дестабилизација на земјава. Ние градиме и ќе градиме пријателства. Верувам дека можеме да дојдеме до решение”, рече Заев.

    Заев по денешната средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас во Софија рече дека разгледале неколку опции за креативно решение на спорот за името и утврдиле една опција што може да биде прифатлива за двете страни.

    „Утврдивме една опција што може да биде прифатлива за двете страни, но мораме да внимаваме како тоа ќе биде институционално спроведено. Мораме да разговараме со претседателите на двете држави, со другите лидери, со шефовите на опозициите“, изјави Заев на прес-конференцијата по средбата во Софија, но не прецизираше за какво решение станува збор, ниту пак дали со Ципрас разговарале за промена на македонскиот Устав.

    „Знаете дека во јуни има Самит на ЕУ, во јули Самит на НАТО и Македонија посакува дотогаш да биде најдено решение, но ако не се најде продолжуваме да бараме“, додаде Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира