Собранието денеска вонредно расправа за состојбата во подрачјата погодени од временските непогоди. Собранискиот спикер Трајко Вељаноски ја закажа седницата на барање на пратеничката група на СДСМ, а одржувањето ваква седница беше поддржано и од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.
Премиерот Емил Димитриев не е во собраниската сала. Спикерот Вељаноски соопшти дека на седницата биле поканети и претседателот на државата Ѓорге Иванов и премиерот Емил Димитриев, но тие не се појавија во собраниската сала.
Пратениците ќе расправат за информацијата на Владата за состојбата со поплавите на шести август , како и за тоа што прави за да ги санира штетите од поплавите и да даде отчет пред Собранието.
Вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров кој ќе ги образложува мерките на Владата пред тоа на прес конференција најави сто процентно обесштетување на граѓаните од кризните региони за штетите предизвикани од поплавите, јави државната агенција МИА. Тодоров информираше дека тоа е прва од пакетот од вкупно осум мерки што Владата ги усвоила на денешната седница.
Мерките вклучуваат и покривање на партиципацијата на сите здравствени услуги на сите нивоа во зафатените подрачја, ослободување на домаќинствата од плаќање месечни издатоци за вода и ѓубретарина во период од три месеци, еднократна парична помош за набавка на училишен прибор за сите деца во основно образование од кризните региони. Со мерките се предвидува и овозможување бесплатна изработка на елаборат за постапката за легализација за семејствата од погодените региони од невремето кои не извршиле легализација на своите куќи, зголемување на паричната помош во следните три месеци за 50 проценти за семејствата погодени од поплавите кои се приматели на парични права од социјална и детска заштита, односно социјална парична помош, постојана парична помош, додатоци за мобилност за слепило и за глувост, помош и нега од трето лице и посебен додаток за деца со пречки во развојот.
Седницата на Собранието беше свикана откако академик Владо Камбовски потсети дека за ваква катастрофа треба да се соберат пратениците, иако е сезона на годишни одмори. Четири дена по поплавите ниту еден од пратениците, ни од власта, ни од опозицијата, а ни претседателот Трајко Вељаноски, не се сети да побара да се свика Собранието по повод катастрофалната поплава во скопските села и населби Стајковци, Сингелиќ, Инџиково, Црешево, Смилковци,Булачани, Виниче , Економија и другите места под Скопска Црна Гора кои настрадаа од 4-часовниот дожд на 6 август.
Минатата среда академик Владо Камбовски преку САКАМДАКАЖАМ.МК му се обрати на спикерот Вељаноски да го прекине одморот и итно да го свика Собранието за да побара од Владата информација како се справува со кризата во поплавените подрачја и какви мерки презема. Истовремено тој побара од Собранието итно да подготви и да донесе закон за стопирање на сите нестопански дејности на Владата, освен оние кои се однесуваат на безбедноста на државата, и пренасочување на тие планирани средства за потребите на поплавените подрачја.
На апелот на академик Камбовски во четвртокот се одзва СДСМ, чија пратеничка група побара специјална седница за поплавите.