ПРЕЖИВЕАНИТЕ 7 ПАТНИЦИ СЕ ВО СТАБИЛНА СОСТОЈБА СО ЛЕСНИ ПОВРЕДИ, КАЖА ФИЛИПЧЕ ЗА НЕСРЕЌАТА ВО БУГАРИЈА СО 45 ЖРТВИ

    ПРЕЖИВЕАНИТЕ 7 ПАТНИЦИ СЕ ВО СТАБИЛНА СОСТОЈБА СО ЛЕСНИ ПОВРЕДИ, КАЖА ФИЛИПЧЕ ЗА НЕСРЕЌАТА ВО БУГАРИЈА СО 45 ЖРТВИАвтобусот е на превозникот ‘Беса транс‘ од Скопје. (Фото: ЕПА)

    Преживеаните седум патници во сообраќајната несреќа во Бугарија во која ноќва загинаа најмалку 45 патници, се во стабилна состојба и надвор од животна опасност. Министерот за здравство Венко Филипче, кој заедно со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи ги посети повредените во болницата „Пирогов“ , кажа дека сите се со полесни повреди.

    „Само еден од повредените има скршеница, но сите се во стабилна состојба, контактабилни, навремено згрижени. Повредените се членови на едно семејство од кои најмладото лице е 16-годишна девојка“, кажа министерот Филипче.

    Премиерот Заев кажа дека најголем број од патниците се македонски државјани. Меѓу патниците имало и српски државјанин од Прешево кој со вереницата од Куманово бил дел од групата, а еден патник имал белгиско државјанство.

    „Не сакам да зборувам за причините за несреќата, ќе оставам бугарските експерти да ја дадат причината за оваа голема трагедија. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ми потврди дека автобусот е на превозникот ‘Беса транс‘ од Скопје“, кажа Заев.

    Тешката несреќа се случи ноќеска пред два часот на магистрала Струма, во близина на Перник. Македонските државјани биле на враќање од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември. Во екскурзијата организирана од една туристичка агенција од Скопје биле вкупно четири автобуси.

    Малку после полноќ, автобусот, кој бил последен во колоната, запрел на бензинска пумпа кај Софија, по што го продолжил патот, за еден час подоцна да се случи несреќата. Локалните власти кои ја истражуваат несреќата велат дека најверојатната причина е човечка грешка или техничка неисправност. Тие засега не можат да потврдат дали автобусот прво удрил во оградата, па се запалил или претходно настанал пожар во него.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира