ПРИТВОРОТ НА МИЈАЛКОВ, ЈАНАКИЕСКИ И БОЖИНОСКИ НЕМА ДА ВЛИЈАЕ НА ГЛАСАЊЕТО ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, ТУКУ СОДРЖИНАТА НА АМАНДМАНИТЕ

    ПРИТВОРОТ НА МИЈАЛКОВ, ЈАНАКИЕСКИ И БОЖИНОСКИ НЕМА ДА ВЛИЈАЕ НА ГЛАСАЊЕТО ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, ТУКУ СОДРЖИНАТА НА АМАНДМАНИТЕСобраниски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека ако во амандманите се вградени барањата на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, мнозинството не би требало да биде проблем, ќе има 80 гласови потребни за усвојување на текстот на уставните амандмани. - Поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Мијалков, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, кои сега се во притвор за случаи на СЈО (Фото: СДК.МК)

    Притворањето на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков, ексминистерот Миле Јанакиески и ексгенералниот секретар на Влада Кирил Божиновски нема да влијаат на процесот на помирување и на двотретинското мнозинство во Собранието за измените на Уставот, велат собраниски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Според нив, ако во амандманите се вградени барањата на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, мнозинството не би требало да биде проблем.

    „Притворот на Мијалков, Јанакиевски и Божиновски го наруши првичниот оптимизам дека ќе има 80 гласови потребни за усвојување на текстот на уставните амандмани. Но, сепак клучна за поддршката за уставните измени од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ е содржината на амандманите. Расправата за уставните измени на собраниска седница продолжува на 1 декември, ќе видиме како ќе одвива дебатата“, велат партиски извори и од опозицијата и од власта.

    Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и бившиот генерален  секретар на Владата Кирил Божиновски се во притвор за „Титаник“ на СЈО од 14 ноември, а ексначалникот на УБК Сашо Мијалков беше притворен на 19 ноември за „Тврдина-Таргет“.

    За декември, како што велат извори од мнозинството, сите патувања на пратениците, посебно на пратениците на владејачкото мнозинство се запрени.

    Премиерот Зоран Заев вчера во Струмица изјави дека верува оти ќе има двотретинско мнозинство за уставните измени и дека последните притвори на функционери од ВМРО-ДПМНЕ нема да имаат влијание врз политичкиот систем во државата иако дел од осумтемина пратеници отворено кажаа дека последните притвори на Мијалков, Јанакиески и Божиновски не се во функција процесот на помирување

    „Жалам што пратениците истакнуваат дека тоа влијае, секако јас се надевам дека ќе останат на сите свои ставови, бидејќи на 1 декември ќе соопштиме амандмани со кои ќе потврдиме сериозна вграденост на опозиционите дискусии и предлози во самите уставни амандмани што според мене ќе значи потврдување на двотретинското мнозинство па дури и негово зголемување, но тоа е само моја надеж“, рече Заев.

    Пратеничката Нола Исмајлоска-Старова, која е една од пратениците од опозицијата и опозициската коалиција што гласаше за отворање на постапка за промена на Уставот, вели дека одлуката дали ќе ги поддржи уставните амандмани ќе ја донесе во последната завршна фаза и тоа зависи од конечниот текст на амандманите после завршување на јавната расправа.

    Исмајловска-Старова потенцира дека е многу е важно и како ќе тече процесот на помирувањето.

    „Притворите за Сашо Мијалков, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски го вознемируваат севкупниот процес. Тие добија притвор поради бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, што е погрешен чекор, но тоа не може да биде причина за притвор за други луѓе“, рече пратеничката Исмајловска-Старова во интервјуто за емисијата „360 степени“ на Телевизијата Алсат-М на 23 ноември.

    Исмајлоска-Старова рече дека помирувањето е важен дел од целиот процес и сите институции треба да бидат внимателни за да не му наштетат на процесот.

    И Крсто Мукоски изјави дека притворањето на Мијалков не оди во прилог на претстојното помирување.

    За денес на дневен ред на собраниска седница е и предлогот за амнестија поднесен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за нападот на Собранието на 27 април 2017. Со него се предвидува амнестирање на сите инволвирани во случајот. Владата минатата недела даде негативно мислење на предлогот за амнестија на ВМРО-ДПМНЕ.

    Координативното тело за помирување сè уште работи на предлогот за помирување. Во Собранието никој не знае што тој ќе содржи.

    Премиерот Заев предложи со предлогот за амнестија за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година да бидат опфатени сите лица кои не учествувале во насилствата и кои не биле дел од организаторите.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира