РУСКИ ПРЕВОЗНИЦИ НАЈАВУВААТ ЛЕТОВИ ОД МОСКВА ЗА СКОПЈЕ

    РУСКИ ПРЕВОЗНИЦИ НАЈАВУВААТ ЛЕТОВИ ОД МОСКВА ЗА СКОПЈЕНеофицијално летовите ќе бидат преку нискобуџетната компанија „Победа“. (Фото: „Побееда“)

    Руски превозници најавиле дека се заинтересирани за летање од Москва за Скопје, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Агенцијата за цивилно воздухопловство. Од таму велат дека барањето е прифатено, но засега нема детали кога таа линија би профункционирала.

    „Се согласивме авиокомпании од Руската Федерација да воспостават директни летови до Скопскиот аеродром без никакви ограничувања, затоа што имаме билатерален договор за авиосообраќај со Руската Федерација. Засега има интерес линијата да ја одржува компанијата ‘Победа’“, велат од Агенцијата за цивилно воздухопловство.

    „Победа“ е нискобуџетен превозник во целосна сопственост на рускиот национален превозник „Аерофлот“. Оперира со авиони од типот „боинг 737-800“.

    Во меѓувреме, специјализираната веб страница за авиосообраќај Ексјуавиејшн објави дека и руската чартер компанија „Нордвинд“ веќе од 30 април ќе лета еднаш неделно, секој петок од московскиот аеродром Шереметјево за Скопје со авион од типот „ербас А321“ со 220 седишта. Но, на веб страницата на компанијата уште не е отворена можноста за резервација на карти за Скопје.

    Скопје и Москва последен пат беа поврзани со редовна линија меѓу 1993 и 1996 година по склучениот билатерален договор за воздушен сообраќај со Руската Федерација. Линијата ја одржуваше компанијата „Палер Македонија“ која банкротираше во октомври 1996 година.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира