Од вкупно 34.700 деца што посетуваат градинка само 415 или 1,19 отсто се деца со попреченост, покажа истражувањето на Народниот правобранител за вклученоста на децата во предучилишните установи. Според истражувањето градинките не нудат оптимални можности за вклучување на децата со попреченост, односно не го почитуваат или делумно го почитуваат правилото за големина на групите, немаат доволно обучен кадар и дидактички средства, а во руралните средини воопшто нема градинки.
Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик Народен правобранител, рече дека годинава истражувањето го направиле во 65 јавни предучилишни установи и дека тоа е финансиски поддржано од Европската Унија и УНИЦЕФ. Седум од анкетираните градинки не одговориле на анкетниот лист, а од оние што одговориле 68 отсто или 39 кажале дека имаат вклучено деца со попреченост.
„Најмногубројни се децата со аутизам и интелектуална попреченост, а најмалку се вклучени децата со оштетен вид, рече Бајрамовска-Мустафа.
Таа вели дека и оние градинки што изјавиле дека не одбиваат да запишат деца со попреченост, лошите услови ги натерало родителите да бараат друга форма на згрижување.
„При приемот не се врши ниту тестирање, нити опсервација и воспитувачот за прв пат се среќава со детето кога ќе се појави во групата. 44 градинки немаат дефектолог, а 13 немаат стручна служба. Нема унифицирана процедура за следење на напредокот на децата, а 26 градинки немаат индивидуален образовен план. Дури еден од воспитувачите кажа дека прават општ план за да има ако дојде инспекција, бидејќи тоа е дополнителна административна работа за нив“, рече Бајрамовска-Мустафа.
Според истражувањето ниту една градинка не добила помош од локалната самоуправа, најчесто помош добиваат од граѓанските организации.
Канцеларијата на Народниот правобранител препорачува да се обезбеди систем со кој точно ќе се дефинира попреченоста на децата, механизам за следење на развојот, да се обезбеди стручен кадар, да се избегнува листата на чекање за запишување на децата со попреченост, да се отворат центри за ран детски развој.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вели дека и овој еден процент на деца со попреченост што се вклучени во предучилишното образование е успех, со оглед на тоа дека само 30 отсто од децата во земјата одат во градинка. Според неа откако ќе изградат нови градинки во кои ќе може да се зголеми вкупниот опфат на децата ќе може да се зборува и за зголемување на опфатот на децата со попреченост.
„Проблемот со кадарот и просторот се познати, но тоа не може да се поправи веднаш. За децата со попреченост освен обучен кадар, потребни се и други услови, како што се сензорни соби за да биде инклузијата онака како што треба. Претходно не се водело сметка за овие работи, затоа е ваква состојбата. Веќе вработивме една група дефектолози, кои беа со договор на дело и понатаму работиме на подобрување на условите“, рече Царовска.
Е. БОЧВАРОСКА