САМО ЕДЕН КОНТАКТ НА МИНИСТЕРОТ ОЛИВЕР СПАСОВСКИ ЌЕ ОДИ ВО ИЗОЛАЦИЈА

    САМО ЕДЕН КОНТАКТ НА МИНИСТЕРОТ ОЛИВЕР СПАСОВСКИ ЌЕ ОДИ ВО ИЗОЛАЦИЈАЗа сите други кои изминатиов период имале контакт со Спасовски, епидемиолозите оцениле дека нема ризик да се заразат.-Од дигиталниот конгрес на СДСМ одржан во неделата. (Фото: СДСМ)

    Само едно лице од сите контакти на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој е позитивен на ковид-19, ќе оди во изолација. За сите други кои изминатиов период имале контакт со Спасовски, епидемиолозите оцениле дека нема ризик да се заразат.

    „Издадено е едно решение по основ на контакти по спроведена епидемиолошка анкета на лицата кои биле во контакт, и оценето е дека само за еден лице постои ризик од среден односно висок степен на загрозеност“, рече директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Ирена Сотирова-Бухова, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција на Инспекцискиот совет.

    Министерот Спасовски во понеделникот доцна навечер на својот фејсбук профил објави дека е позитивен на ковид-19. Тој во неделата беше во друштво на премиерот Зоран Заев и неколкуте високи партиски функционери на СДСМ за време на дигиталниот конгрес на владејачката партија. Во понеделникот, Спасовски напладне се појави на акција за засадување дрва по повод 75-годишнината од формирањето на Организацијата на Обединетите нации во околината на Велес. На акцијата имаше претставници на Обединетите нации и дел од дипломатскиот кор во земјава. На настанот беше присутен и премиерот Заев.

    По Спасовски, вчера вечерва и портпаролката на СДСМ Богданка Кузевска објави дека е позитивна на ковид-19. Кузевска во неделата учествуваше на дигиталниот конгрес од седиштето на партијата.

    Премиерот Зоран Заев вчера на фејсбук напиша дека направил ковид тест и резултатот е негативен.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира