СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ СО ЕВРОПСКА ПОМОШ ДОГОВАРААТ НОВ ДЕЛОВНИК СО КОЈ НЕ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ПОВТОРАТ НАСИЛСТВАТА ОД 24 ДЕКЕМВРИ И 27 АПРИЛ

    СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ СО ЕВРОПСКА ПОМОШ ДОГОВАРААТ НОВ ДЕЛОВНИК СО КОЈ НЕ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ПОВТОРАТ НАСИЛСТВАТА ОД 24 ДЕКЕМВРИ И 27 АПРИЛСобранието ќе има свое обезбедување и нема да може премиери, министри за внатрешни работи и за финансии, како што беше случајот со Зоран Ставрески да наредуваат на обезбедувањето за каква било интервенција во законодавниот дом - од заедничката прес конференција - (Фото: К. Попов)

    По насилното исфрлање на пратениците од СДСМ по наредбата на силите на МВР што на 24 декември 2012 година им ја дадоа тогашниот спикер Трајко Вељаноски и министерката Гордана Јанкулоска кога се носеше Буџетот за Скопје 2014 и особено по нападот на Собранието од истата влада на 27 април 2017 година, СДСМ и опозиционата ВМРО-ДПМНЕ се блиску до договор да усогласат деловник такво нешто веќе да не може да се случи.

    Тоа е резултат на преговорите во рамки на иницијативата Жан Моне со европратениците Кнут Флекенштајн, Едуард Кукан и Иво Вајгел за нов собраниски деловник и за собраниски кодекс кои деновиве им ги приближуваа ставовите на двете партии.

    „Се преговара и за идејата да постои можност одземен пратенички мандат да му биде вратен во одредени околности на пратеник, но за тоа не е постигнат договор и консензус и за оваа тема разговорите продолжуваат”, рече претседателот на Собранието Талат Џафери на заедничка прес конференција со Вајгл, Флекенштајн и Кукан.

    Собранието ќе има свое обезбедување и нема да може премиери, министри за внатрешни работи и за финансии, како што беше случајот со Зоран Ставрески, кој и мафташе на полицијата побрзо да ја исчисти пленарната сала на 24 декември од пратениците од СДСМ, да наредуваат на обезбедувањето за каква било интервенција во законодавниот дом.

    Џафери кажа дека се разговарало и како да се избегне бесконечно одолговлекување на конститутивната седница на Собранието. Тоа се злоупотреби што ги дозволува, сегашниот Собраниски деловник. Одолговлекувањето се случуваше од февруари до април 2017 година и на 27-ми резултираше со тероризам врз пратениците од тогашната опозиција предводена од СДСМ. Имаше и обид за убиство на пратеник.

    Според спикерот Џафери, се зборувало и за надзорната улога на Собранието, кое последната деценија е слеп послушник на извршната власт и само машина за гласање.

    Партиите под капа на европратениците разговарале и за злоупотребите на собраниската говорница со бесконечно пријавување за збор, со бесконечно цепкање на една пратеничка група на повеќе помали, за финансиска самостојност на Собранието и за други пречки кои го кочат да работи ефикасно.

    Работната група продолжува да работи. Целта е со консензус да се донесе нов Деловник на Собранието.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира