Пратеникот од ДУИ Талат Џафери денеска побара, а мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ одби да се тргне од дневен ред точката за носење резолуција за осудување на опозицијата дека зборувала за прифаќањето на мигранти од Британија и изградба на мигрантски населби во Македонија за нивно прифаќање. Односно, за она што го објавија медиумите во Велика Британија минатата недела.
По објавите во британските медиуми, СДСМ најави дека ќе поднесе своја резолуција против прием на мигранти, тврдејќи дека постои договор за прием на мигранти од Велика Британија во замена за финансиска помош, што владејачката коалиција го негира. Потоа, ВМРО-ДПМНЕ заедно со ЗНАМ и „Вреди“ вчера во Собранието поднесе контра резолуција од девет точки, насловена „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
„Среќна Нова 1949 година! Кои сте вие да осудувате опозиција и да барате да одговара според Кривичниот законик? Вие ќе кажете кој ќе подлежи на кривична одговорност? Барам да се тргнат од дневен ред 12. точка ‘Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегална миграција’ и точка 3 за повлекување на сите одлуки на минатата влада околу мигранти, бидејќи сега со точка 3 денеска се бара да се продолжи кризната состојба поради ризик за зголемен број мигранти на територијата на Македонија, а која кризна состојба ја донесе владата на Заев, чии одлуки без законско и уставно право, сакате да ги поништите“, рече Талат Џафери.
Во Резолуцијата за осуда на опозицијата, вака е предвидена одговорност за тие што ќе кажуваат поинаку од власта:
„7. СЕ ПОВИКУВААТ сите политички субјекти и јавни чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат јавниот ред и мир.
5. СЕ ПОТЕНЦИРА дека меѓуетничките односи, стабилноста, толеранцијата и меѓусебното почитување се суштински вредности на општеството и дека секое неодговорно политичко дејствување кое може да ги наруши овие односи претставува сериозна закана за општествената кохезија“.
Потоа, процедурално реагираше координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски. Кажа дека ваква диктатура со замолчување на опозицијата со резолуција во Парламент не може да помине, дури ни во млада демократија каква што беше во Македонија пред 30-35 години. Тој му даде празни ливчиња на спикерот Африм Гаши за да си напише негов собраниски деловник, бидејќи актуелниот не го почитува, и си замина од собраниската сала заедно со целата пратеничка група на СДСМ.
Претходно, Спасовски реагираше и дека на денот кога се поставуваат пратенички прашања од опозицијата, нема ни министри ни премиер, односно нема кој да одговори на прашањата.
Гаши не кажа ништо, само се согласи со Спасовски дека соработката меѓу Владата и Собранието треба да е на повисоко ниво, поради граѓаните и оти кога е ден за пратенички прашања, премиерот и министрите треба да се во собраниската сала.
С. К. ДЕЛЕВСКА



