СЕДНИЦАТА ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ ОДЛОЖЕНА ЗА УТРЕ ВО 12 ЧАСОТ, УШТЕ СЕ ПРЕГОВАРА СО БЕСА НА КАСАМИ

    СЕДНИЦАТА ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ ОДЛОЖЕНА ЗА УТРЕ ВО 12 ЧАСОТ, УШТЕ СЕ ПРЕГОВАРА СО БЕСА НА КАСАМИСедницата што требаше да почне во 13 часот, не почна затоа што нема двотретинско мнозинство оти уште се преговара за барањата на тетовското крило на Беса на Билал Касами; - од протестите на „Тврдокорни“ и „Македонија блокира“ (Фото: К. Попов)

    Собраниската седница за уставните измени согласно Договорт од Преспа со Грција, по неколку денешни одложувања, конечно е одложена за утре во 12 часот. Неофицијално, седницата што требаше да почне во 13 часот, не почна затоа што нема двотретинско мнозинство оти уште се преговара за барањата на тетовското крило на Беса на Билал Касами.

    Пред Собранието и денеска протестираат од „Тврдокорни“ и „Македонија блокира“, а на посебна импровизирана бина говореше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

    Мицкоски, во придружба на дел од партискиот врв, повторно ги одби уставните измени за кои смета дека ќе донесат промена на име и на идентитет на македонската нација. Рече дека ги разбира оние пратеници кои ќе гласаат за уставните измени оти се уценети и притиснати, ама не ги оправдува и рече дека единствениот политички противник на ВМРО-ДПМНЕ е Зоран Заев и СДСМ. Тој го обвини Заев дека тргува во Парламентот за да обезбеди 80 пратеници за промена на името на земјата.

    „ВМРО-ДПМНЕ и јас лично ви ветувам дека ќе сториме се Договорот со Грција да не се случи оти е штетен. Јас ова прашање ќе го отворам во секоја прилика, дали ќе успеам не знам и не можам да ветам ништо, но ќе сторам се за да успеам заедно со вас тоа што некој сега бесрамно го продава да си го вратиме назад“, рече Мицкоски.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одржа говор на протестот пред Собранието. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Зоран Заев денеска за преговорите со Беса на Касами рече дека се разговара околу техничката формулација на државјанството „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“ во уставните измени, предвидени со Договорот од Преспа. Како што кажа Заев, станува збор за игра на зборови.

    Осумтемина независни пратеници, кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ откако гласаа за потребата од донесување уставни измени, се против барањата на Беса.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира