ШО СТАНА СО ДУПОИВЕ ГОРЕ, ШО БЕШЕ ОНА ШО ГО ОБОРИ ЦЕНТАР, ГО ПРАШУВА КАМЧЕВ ЈАНАКИЕСКИ ВО БОМБА ЗА НАСИЛСТВАТА ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР

    ШО СТАНА СО ДУПОИВЕ ГОРЕ, ШО БЕШЕ ОНА ШО ГО ОБОРИ ЦЕНТАР, ГО ПРАШУВА КАМЧЕВ ЈАНАКИЕСКИ ВО БОМБА ЗА НАСИЛСТВАТА ВО ОПШТИНА ЦЕНТАРВо друга бомба денешното судење, разговараат Јанакиески и Груевски околу тоа што може од ДУП-овите да поништува општината и воопшто не се споменува црква. - Миле Јанакиески; Орце Камчев (Фото: СДК.МК)

    Во прислушуван разговор пуштен на денешното судење за предметот на СЈО Насилство во Општина Центар, Орце Камчев, загрижен за неговите бизнис интереси кои би пропаднале со поништените детални урбанистички планови од страна на Општина Центар во 2013 година, му се јавува на тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, сега еден од обвинетите, и го прашува: „Шефе, извини сеа шо стана со дупоиве горе, шо беше она шо го обори центар?“

    „Ништо, ги обори ама не ги објави во Службен весник. Шехтански им укажа да му достават во рок од три дена. Утре истекува рокот и ќе му даде налог да ги објави. Ако не ги објави, тогаш ги поништува. Ако ги објави, пак ќе ги поништи Уставен суд“, му одговара Јанакиески.

    „Ама пак ќе оди на Уставен, така?“, прашува Камчев.

    „Да, мора на Уставен, или едно или другото сценарио“, му потврдува Јанакиески.

    „И пак истите треба да се гласаат, после тоа пак треба да одат на гласање во општината?“, препрашува Камчев.

    „Уставен му ги враќа и тогаш пак треба истите планови да се стават на Совет“, му вели Јанакиески.

    Оваа бомба за првпат денеска во Основен суд Скопје 1 беше пуштена во процесот Насилство во Општина Центар.

    Првообвинетиот Никола Груевски е во бегство, а покрај Јанакиески, обвинета е пратеничката Даниела Рангелова и уште неколкумина други учесници во насилствата, кои во два наврата во јуни 2013 година, според обвинението, ја кршеа општината по налог на Груевски, со изговор дека Општина Центар ја стопирала изградбата на црквата „Св. Константин и Елена“.

    Во друга бомба пуштена на денешното судење, разговараат Јанакиески и Груевски околу тоа што може од ДУП-овите да поништува општината, а што не и воопшто не се споменува црква. Јанакиески му објаснува на Груевски дека по поништувањето на ДУП-от кој што му е многу важен на Груевски, во сила се враќаат старите урбанистички планови.

    Груевски го прашува: „Ќе падне на Уставен?“.

    Јанакиески му потврдува.

    „Јас се мислам и покрај тоа што ќе падне на Уставен да влезе еден и да му врзе на Андреј Жерновски 5-6 јаки шамари“, сугерира Груевски.

    Бомбата е веќе пуштена во јавноста и завршува со наредба од Груевски дека треба да имаат аргументи за да ја напумпаат атмосферата.

    Судењето продолжува на 6 февруари.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира