СЈО ПОБАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВРХОВЕН СУД ВАНГЕЛОВСКИ ОТИ ГО ИМА ВО „БОМБИТЕ“

    СЈО ПОБАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВРХОВЕН СУД ВАНГЕЛОВСКИ ОТИ ГО ИМА ВО „БОМБИТЕ“Во денешното барање од СЈО се вели дека во прислушуваните разговори има и разговор меѓу тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и Јово Вангеловски, кој и тогаш бил претседател на Врховниот суд, со што има околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, што е причина за изземање; - Специјалната обвинителка Катица Јанева (Фото: СДК.МК)

    Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска до Врховниот суд на Република Македонија поднело барање за изземање на претседателот на највисокиот суд во земјава, со образложение дека Јово Вангеловски е дел од „бомбите“ и тоа во период кога исто така ја извршувал функцијата претседател на Врховниот суд.

    Во денешното барање од СЈО се вели дека во прислушуваните разговори има и разговор меѓу тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и Јово Вангеловски, кој и тогаш бил претседател на Врховниот суд, со што има „околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, што е причина за изземање на судијата врз основа на член 33, став 2 од Законот за кривичната постапка“. Како што појаснуваат од СЈО во барањето, тој разговор ја доведува во прашање непристрасноста на судијата Јово Вангеловски да постапува по таков тип предмети, поради постоењето на реална опасност од неговата претходна заинтересираност за решавање на предметот во определена насока.

    Јавниот обвинител Марко Зврлевски во понеделникот испрати барање до Врховниот суд за заштита на законитоста во врска со притворот на бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“ на СЈО, односно Врховен да ги укине решенијата на Oсновниот суд Скопје 1 од 7 март 2017 година и на Апелацискиот суд од 15 март 2017 година и предметот да го врати на повторно судење и одлучување.

    Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вчера до Врховниот суд поднела известување дека го повлекува барањето за заштита на законитоста што го испратил Зврлевски, со образложение дека обвинителството со кое таа раководи е единственото надлежно за случајот „Труст“.

    „Јас, како јавен обвинител, сум исклучиво надлежна да постапувам по предметите поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во сите судски инстанци. Поради тоа, денеска со поднесок испратен до Врховниот суд на Република Македонија го повлеков барањето за заштита на законитоста поднесено од Јавното обвинителство на Република Македонија“, вели Јанева во дописот од вчера.

    На Сеад Кочан, кој е еден од тројцата осомничени во случајот „Труст“, Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 на 7 март му одреди мерка притвор, а одлуката подоцна ја потврди и Апелацискиот суд. Оттогаш Кочан е недостапен за органите на прогонот и против него е распишана меѓународна потерница.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира