БОЛНИЦИТЕ ДА ЗАБРАНАТ ПОСЕТИ ДОДЕКА ТРАЕ ЕПИДЕМИЈАТА СО МОРБИЛИ, 19-ГОДИШНИК ПРИМЕН ВО ПОТЕШКА СОСТОЈБА

    БОЛНИЦИТЕ ДА ЗАБРАНАТ ПОСЕТИ ДОДЕКА ТРАЕ ЕПИДЕМИЈАТА СО МОРБИЛИ, 19-ГОДИШНИК ПРИМЕН ВО ПОТЕШКА СОСТОЈБАМинистерството за здравство смета дека со оваа превентивна мерка ќе се спречи натамошно ширење на болеста, од која во моментов на Инфективна клиника се лекуваат 18 лица; - Детската клиника (архивска фотографија: СДК.МК)

    Универзитетски клиники во Клиничкиот центар во Скопје добиле укажување од Министерството за здравство во текот на денешниот ден да ги свикаат своите комисии за интрахоспитални инфекции и да донесат одлука за ограничување на посета на пациентите, односно да се забрани посета на пациенти кои се хоспитализирани на клиниките. Ова укажување Министерството за здравство го пратило за да се спречи ширењето на епидемијата со мали сипаници, а препорачува забраната за посета да трае додека трае епидемијата.

    Забрана за посета на скопските клиники, како противепидемиска мерка, следи откако вчера беше соопштено дека осум вработени од Клиниката за детски болети се заразиле со морбили, односно пет лекари, медицинска сестра, лаборант и шалтерски работник. Директорката на Клиниката за детски болести д-р Катерина Ставриќ вчера рече дека дел од колегите биле целосно вакцинирани со МРП вакцината, а дел само со една доза и тие работеле во амбуланта, особено за време на дежурства.

    На Клиниката за инфективни болести вчера бил примен 19-годишен пациент со морбили, кој е префрлен од Клиниката за детски болести каде бил примен поради друго заболување. Од Министерството за здравство информираат дека пациентот е во потешка здравствена состојба.

    „Амбулантски се прегледани  4 деца, за кои постоело сомневање дека имаат мали сипаници. Децата се на возраст од 7 месеци до 2 години. По прегледот пуштени се на домашно лекување. Во моментов, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби има вкупно 18 пациенти со морбили“, велат од Министерство за здравство.

    Министерството соопшти дека на Инфективна клиника е хоспитализирано и дете со церебрална парализа, кое добило мали сипаници, како и 8-годишно девојче со астма, кое истовремено се заразило и со морбили и со варичела.

    Директорката на Клиниката за инфективни болести д-р Милена Стевановиќ вели дека сите пациенти што се во моментов  хоспитализирани на Клиниката со мали сипаници се во стабилна состојба.

    „Немаме пациент во животозагрозувачка состојба, иако кај некои болеста е искомплицирана со потешки бронхопневмонии“, вели д-р Стевановиќ.

    Денес до 13 часот во дежурните пунктови во поликлиникте „Јане Сандански“, „Бит Пазар“ и во Ѓорче Петров биле вакцинирани 24 деца, а вкупно од почетокот на епидемијата досега вакцинирани се 4.328 деца.

    Министерството за здравство апелира родителите да ги почитуваат препораките за превенција на болеста и ако нивните деца не се вакцинирани, тоа веднаш да го направат. Педијатриските дежурни пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит-пазар“ и „Ѓорче Петров“ имаат дежурни лекари во работен ден од 19.30 часот до 7.30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа во текот на денот.

    „Родителите ако се сомневаат дека нивното дете има мали сипаници во работните денови прво треба да ги однесат на матичен лекар. За време на викенд и во ноќните часови можат и во пунктовите, каде се вршат комплетни прегледи со лабораторија. Доколку лекарите утврдат дека е потребно, пациентите ќе ги упатуваат на Клиниката за инфективни болести. Апелираме до сите родители, кои ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, висока температура, децата прво да ги однесат на овие три пунктови“, велат од Министерството за здравство.

    Министерството за здравство потсетува дека сѐ уште е на сила наредбата децата кои се невакцинирани да не бидат примени во детските градинки, за да се спречи ширењето на епидемијата прогласена во Скопје.

    „Децата од училиштата задолжително да се вакцинираат ако не се вакцинирани или примиле само една доза од вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит). Сите здравствени работници кои не се вакцинирани или не се сигурни во својот вакцинален статус, да го направат тоа во најбрз можен рок. Сите превентивни мерки и препораки против ширењето на болеста да се сфатат сериозно и без отстапки. Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење“, велат од Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари