СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ СКРАТЕНИ СТАВКИТЕ ЗА ГАСИФИКАЦИЈА И НОВ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР, ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ОТПЛАТА НА ДОЛГОВИТЕ ВО ОПШТИНИТЕ И ЗДРАВСТВОТО

    СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ СКРАТЕНИ СТАВКИТЕ ЗА ГАСИФИКАЦИЈА И НОВ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР, ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ОТПЛАТА НА ДОЛГОВИТЕ ВО ОПШТИНИТЕ И ЗДРАВСТВОТО„Исплатата на пензиите не е загрозена, тоа и натаму е приорите на оваа Влада“, рече министерот за финансии Драган Тевдовски (Фото: Влада на РМ)

    Парите предвидени за гасификација и изградба на Клиничкиот центар во Скопје, со ребалансот на Буџетот  што го усвои Владата на синоќешната седница ќе се префрлат на други ставки, кажа министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната прес-конференција. Тој рече дека со ребалансот се прави реалокација на средствата меѓу буџетските корисници, односно дека дополнителни средства се одвоени за исплата на долговите што ги имаат општините и здравствениот систем.

    „Намалување кај капиталните расходи е кај оние кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација и тоа се главно проекти финансирани со кредити. Намалувањето на капиталните расходи е 5,66 милијарди денари, од кои 1,67 милијарди денари се од буџетот, а 3,9 милијарди денари се од кредити. Меѓу најголемите капитални инвестиции се гасификацијата и откажаниот клинички центар, како што кажав кај оние кај кои е евидентна забавена динамика на реализација“, рече Тевдовски.

    Тој кажа дека со ребалансот на Буџетот за 2018, за кој сега треба да гласа Собранието биде прифатен почетокот на уставните измени, приходите се намалени за една милијарда денари, а трошоците за 1,2 милијарди денари.

    Со преалокација на неискористените средства со ребаланост е предвидено 198 милиони денари да одат за финансирање на политички партии и истражувачки центри. Тевдовски рече дека оваа ставка е предвидена во ребаланост, бидејќи Собранието за тоа донело Закон и Министерството за финансии е обврзано да предвиди пари во буџетот.

    Според него, со преалокација на средства во фондовите за пензиско и здравствено осигурување не е загрозена исплатата на пензиите и остварувањето на правото на здравствена заштита, односно дека исплатата на пензиите и натаму е приоритет на оваа Влада.

    „Со ребаланост предвидени се дополнителни 1,8 милијарди денари за Фондот за здравствено осигурување, за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и за Агенцијата за вработување. Овие средства освен за непречено функционирање реализирање на работата ќе се искористат и за намалување на долговите, особено во здравствениот систем. Предвидена е и финансиска поддршка на општините од 3,9 милијарди денари, кои ќе се искористат за плаќање на доспеани а неплатени долгови, како и вложувања во образованието, културата и детската социјална заштита“, рече Тевдовски.

    Тој најави дека подготвиле закон со кој ќе им бидат поделени парите на општините со кој ќе се спречи натамошно трупање долгови, но дека тоа ќе зависи од тоа дали ќе поминат уставните измени или ќе има предвремени избори.

    „Со овој ребаланс предвидовме начин да им се помогне на општините, но само ако Собранието го отпочне процесот на уставни измени. Во спротивно ќе има избори и во Буџетот за 2019 година кој го сработивме не е предвиден фискален простор за помош на општините, односно не се предвидени средства за сервисирање на долговите“, рече Тевдовски.

    Во ребалансот на Буџетот не се предвидени средства за предвремени избори. Министерот кажа дека имаат разработено сценарија како да се финансираат изборите доколку дојде до нив и како државата и натаму да ги исплаќа средствата и во наредната 2019 година, бидејќи ако има избори Собранието се распушта и не може да се гласа ниту за ребалансот, ниту за Буџетот за наредната година.

    „Ние го подготвивме Буџетот за 2019 година, разговаравме со сите буџетски корисници и во временскиот рок ќе биде доставен до Собранието“, рече Тевдовски.

    Според собранискиот Деловник, кога се расправа за Буџет Собранието не држи седници, туку работат Комисијата за финансирање и Буџет и Законодавно-правната комисија. Според Деловникот, целата процедура за носење на Буџетот треба да заврши за 20 дена.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира