СОБРАНИЕТО ЈА УСВОИ ПОТРЕБАТА ОД ДОНЕСУВАЊЕ ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈА ЗА НАПАДОТ НА 27 АПРИЛ

    СОБРАНИЕТО ЈА УСВОИ ПОТРЕБАТА ОД ДОНЕСУВАЊЕ ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈА ЗА НАПАДОТ НА 27 АПРИЛПредлог-законот се однесува на амнестија на обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април лани и се очекува вечерва да биде изгласан на пленарна седница; - На снимките од собраниските безбедносни камери, објавени од телевизиите „Телма“ и „Алсат-М“ се гледа дека Крсто Мукоски ја отвара вратата, а шестмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и Јохан Тарчуловски ја координирале акцијата за нападот на пратениците од мнозинството на 27 април

    Собранието на пленарна седница вечерва ја усвои потребата од донесување Закон за амнестија (линк до целосниот текст), поднесен од група пратеници. Собранието во моментов е на пауза, оти предлог-законот е  на расправа во законодавно-правната и во комисијата за политички систем. Се очекува по комисиската расправа, Законот за амнестија по скратена постапка вечерва да биде ставен за гласање на пленарна седница.

    Предлог-законот се однесува на амнестија на обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, а го поднесоа пратениците Емилија Александрова, Фросина Ташевска-Ременски, Зеќир Рамчиловиќ, Мухамед Зеќири, Горан Мисовски, Весел Мемеди, Соња Мираковска, Снежана Калеска Ванчева, Нола Исмајлоска, Јован Митрески, Владанка Авировиќ, Артан Груби, Бранко Маноиловски, Агим Шаќири, Павле Богоевски, Ирена Стефоска, Чедомир Саздовски, Далибор Богдановски, Костадин Ацевски, Елизабета Канческа Милевска, Мерал Узеири-Ферати.

    Според тој закон нема да може да бидат амнестирани:

    • организаторите и подготвувачите на нападот на Собранието за кои има основани сомневања
    • лицата кои извршиле физичко насилство
    • лицата под фантомки
    • лица кои носеле оружје и експлозивни материи
    • службени лица кои ги пречекориле своите овластувања

    Барањата обвинетите ќе може да ги поднесат во рок од 5 дена по носењето на законот.

    Некои од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста или од оние досега осудените, чии пресуди уште не се правосилни, може и да не поднесат барање за помилување и да останат до крај во понатамошна судска постапка која ќе продолжи.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира