СОБРАНИЕТО ЗА ЗАВРШНАТА СМЕТКА НА БУЏЕТОТ ЌЕ РАСПРАВА ЦЕЛА НОЌ, ВИКЕНДОВ МОЖНО РАЗРЕШУВАЊЕ НА ЗВРЛЕВСКИ

    СОБРАНИЕТО ЗА ЗАВРШНАТА СМЕТКА НА БУЏЕТОТ ЌЕ РАСПРАВА ЦЕЛА НОЌ, ВИКЕНДОВ МОЖНО РАЗРЕШУВАЊЕ НА ЗВРЛЕВСКИАко реши Џафери и закаже продолжување на седницата за разрешувањето на обвинителот Марко Зврлевски, ќе ја закаже и ќе мора да работиме викендов“, велат пратениците по вечерашните обиди за координација со спикерот (Фото: СДК.МК)

    Почна продолжението на прекинатата осма седница за предлог-завршната  сметка на Буџетот за 2016 година, која собранискиот спикер ја прекина во 19 часот на барање на координаторот на една од 10.те пратенички групи на пратениците на ВМРО ДПМНЕ Антонијо Милошоски. Тој побара пауза од половина час, а Џафери му кажа „еве ви пауза до 21 часот, ама продолжуваме до крај, до полноќ“.

    САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека по 19 часот имало обид на координација Џафери да се договори со пратениците да работат и утре и задутре, за да се исцрпат дискусиите за шестата седница за разрешување на обвинителот Марко Зврлевски и конечно да почнат реформите во судството. Но, ништо не е конечно, велат пратениците со кои разговаравме. „Ако реши Џафери и закаже продолжување на седницата за разрешувањето, ќе ја закаже и ќе мора да работиме викендов“, велат пратениците.

    Во првиот час од продолжението пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ му реплицираа на нивниот пратеник Крсто Мукоски, а во салата не беа присутни пратениците од владејачкото мнозинство. Потоа тие се вратија во салата.

    „Колегата Васко Ковачевски ги спомна трошоците за стекови од бизони, коњи, жирафи и сл. животинско царство, при говорење за завршната сметка за 2016 година во контекст на оправданоста и фискалната неодржливост, неоправданост и криминогеност на буџетските расходи во 2016 г. Тогаш, Илија Димовски се изнервира и даде налог десетте пратенички групи да си реплицираат едни на други (како што правеа при блокирањето на конститутивната седница). Ама и не е ниту до тоа. Сака да го блокира изгласувањето на Потпретседатели и на Генерален Секретар на Собранието, со што дополнително ќе се развлече разрешувањето на Зврлевски“, напиша на својот фејсбук профил пратеникот Павле Богоевски, кој најави дека ќе работат до доцна во ноќта.

    Во 22.40 седницата е прекината од една оти пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ побара пауза, и продолжението е закажано за 01 часот.

    Претходно, Собранието на нова деветта седница одлучи Предлог законот за дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2017 година, да се донесе по скратена постапка. Како што образложи министерот Тевдовски, со законот се вршат дополнувања на одредбите од постојниот закон во насока на зајакнување на принципот на транспарентноста  при користењето на наменските планираните средства, согласно јасно дефинирани услови и критериуми, утврдени во Програмата донесена од Владата на Република Македонија.

    Скратената постапка беше потребна поради поврзаноста на овој предлог закон со Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на РМ за 2017, кој е на дневен ред на третата седница на Комисијата за финансирање и буџет закажана за понеделник.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира