Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓорѓиевска ќе биде во избирачки одбор за гласање на лица болни од КОВИД-19 и граѓани кои се во самоизолација. Ѓорѓиевска која е редовен професор на Стоматолошкиот факултет и раководител на Катедрата за детска и превентивна стоматологија, е избрана по случаен избор како медицинско лице, кое треба да биде дел од избирачките одбори.
На овие предвремени парламентарни избори поради пандемијата на КОВИД-19, болните ќе гласаат два дена. Во понеделник ќе се спроведе гласање за лица позитивни на коронавирус и оние кои се во изолација, додека во вторник ќе гласаат болни и изнемоштени лица.
Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека Ѓорѓиевска ќе биде член на избирачкиот одбор во Општина Гази Баба, кој ќе оди во домовите на позитивни лица на коронавирус кои се пријавиле да гласаат на изборите во оваа скопска општина.
„Сопругата на Претседтелот беше избрана по случаен избор и веднаш без размислување ја прифати задачата да биде дел од избирачките одбори, за да може лицата со КОВИД-19 да го остварат нивното граѓанско право на глас“, велат од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
В понеделник ќе гласаат 709 лица со КОВИД-19 или во изолација, и за нив се формирани посебни избирачки одбори кои се составени од двајца или тројца здравствени работници и претставници на политичките партии. При формирањето на избирачките одбори имало проблеми бидејќи голем број здравствени работници одбивале да учествуваат во изборите.
„Формирани се 54 избирачки одбори односно во толку општини се пријавиле лица кои сакаат да гласаат. Имавме одредени потешкотии бидејќи дел од медицинските работници бараа изземање, но на крај успеавме да ги составиме. При гласањето ќе бидат преземени сите мерки на заштита“, вели претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски.
Членовите на избирачките одбори ќе носат мантил за еднократна употреба, ракавици за еднократна употреба, заштитна маска, визир, очила и средство за дезинфекција. По завршување на гласањето во домот на секој гласач, членовите според утврдените протоколи ќе ја мануваат заштитна опрема и ќе облекуваат нова.
Во вторник ќе гласаат 8.860 болни и изнемоштени лица. Во избирачките одбори кои ќе одат кај овие лица нема да има здравствени работници. Членовите на избирачките одбори ќе носат заштитни маски, ракавици и ќе вршат дезинфекција при посетата на секој дом.
В среда ќе се одржат предвремените парламентрани избори. Граѓаните при гласање треба да носат заштитна маска, а на секое избирачко места ќе бидат поставените средства за дезинфекција за гласачите.
А. АНТЕВСКА