СТРАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЌЕ СЕ ВКЛУЧАТ ВО ИСТРАГАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО КОВИД-ЦЕНТАРОТ ВО ТЕТОВО, ВЛАДАТА ПРОГЛАСИ ТРИДНЕВНА ЖАЛОСТ

    СТРАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЌЕ СЕ ВКЛУЧАТ ВО ИСТРАГАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО КОВИД-ЦЕНТАРОТ ВО ТЕТОВО, ВЛАДАТА ПРОГЛАСИ ТРИДНЕВНА ЖАЛОСТЗа денови на жалост се прогласени денес, утре и задутре. (Фото: Ѓ.Личовски)

    И странски експерти за истрага на пожари ќе се вклучат во утврдувањето на причините за пожарот во тетовскиот Ковид-центар. Владата на денешната седница донесе одлука да ја прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат во земјата стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот.

    На денешната седница Владата прогласи тридневна жалост на територијата на целата држава. За денови на жалост се прогласени денес, утре и задутре (четврток, петок и сабота), а за време на деновите на жалост знамето на Република Северна Македонија ќе биде истакнато на половина копје.

    „Владата апелира до сите општествени чинители да ги одложат сите јавни и приватни прослави, забави, културно-уметнички и спортски настани, партиски и друг тип на промоции предвидени за овие три дена“, велат од Владата.

    Владата ги задолжи надлежните институции да утврдат каков тип на дополнителна помош и поддршка е потребна за семејствата на загинатите и повредените, со цел истата да биде обезбедена во најкраток временски рок.

    Во пожарот што синоќа избувна во Ковид-центарот загинаа 14 лица, а 12 се на лекување во Тетовската болница и се надвор од животна опасност. Во Ковид-центарот за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти. Нема настрадани здравствени лица.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира