Здружението на новинари на Македонија денес во 10 часот ќе протестира пред Основниот суд Скопје 1, за ослободување од притвор на новинарот Зоран Божиновски. Во 10.30 часот во овој суд ќе почне судскиот процес против Божиновски, кој беше екстрадиран од Србија, и кој ќе биде донесен од Шутка.
Божиновски е обвинет за шпионажа, злосторничко здружување и за уцена и е дел од случајот „Шпион“, каде се обвинети и осудени 18 лица, но за него Обвинителството за организиран криминал има поведено посебна постапка, бидејќи беше недостапен на органите на прогонот. ЗНМ соопшти дека и Меѓународната федерација на новинари со писмо упатено до Претседателот и до Јавниот обвинител, повика на итно и безусловно ослободување на Зоран Божиновски.
„Сакаме да го осудиме прогонот на новинари, кој во Македонија се заканува да стане практика. Нема дилема дека Божиновски стана предмет на кривичен прогон поради неговата работа како новинар и поради неговите објавени злоупотреби за власта. Тој е обвинет за тешки кривични дела затоа што власта преку злоупотреба на законите и на институциите сака да ги затскрие вистинските намери, да замолчи еден новинар, да ги дисциплинира и да ги заплашува другите и да спречи јавноста да ја дознае вистината за начинот на нејзиното владеење“, стои во соопштението од ЗНМ „Со ваквите судски процеси, власта се обидува да ги дискредитира и да ги девалвира сите новинари и сака да го наруши кредибилитетот на новинарската професија. Ваквиот прогон влијае негативно и на слободата на изразувањето и на слободата на медиумите“, се додава во соопштението на ЗНМ.
Претходно, претседателот на ЗНМ Насер Селмани ги потсети судиите и обвинителите дека Македонија е единствена земја во Европа по Турција, каде има новинари во затвор. „Македонските судови имаат обврска да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој казната затвор за новинар ја смета за неоправдана, освен ако станува збор за дела поврзани со тероризам или говор на омраза, а за кои Божиновски не е обвинет“, рече Селмани.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС) соопштија дека ќе го поддржат протестот на ЗНМ.