ТАЈНАТА СОБА ВО КАБИНЕТОТ НА ЕКСПРЕМИЕРОТ ДИМИТРИЕВ МИСТЕРИЈА ВО ВЛАДАТА И 5 МЕСЕЦИ ПО ПАДОТ НА ВМРО

    ТАЈНАТА СОБА ВО КАБИНЕТОТ НА ЕКСПРЕМИЕРОТ ДИМИТРИЕВ МИСТЕРИЈА ВО ВЛАДАТА И 5 МЕСЕЦИ ПО ПАДОТ НА ВМРОВо собата без прозорци се влегува низ две врати една зад друга, а се наоѓа во кабинетот што го користеше експремиерот Емил Димитриев, кој не седна во премиерскиот кабинет на Никола Груевски туку користеше друга просторија во Владата (Фото: СДК.МК)

    Во Владата на Република Македонија постои тајна соба во кабинетот на поранешниот премиер Емил Димитриев, која е мистерија за актуелната власт и пет месеци по падот на претходниот владин состав на чело со ВМРО-ДПМНЕ. Актуелната власт на СДСМ ги добила клучевите од сите кабинети и канцеларии од зградата која беше реновирана, но без објаснување за функцијата на некои простории.

    Во собата од околу 20 квадратни метри има 4 сијалици, 3 штекери, 1 систем за аларм, спуштен плафон од хантер-даглас, на кој недостасуваат неколку плочи и висат кабли (Фото: СДК.МК)

    Димитриев беше избран за технички премиер за спроведување избори на 18 јануари, 2016, а остана на функцијата до 31 мај годинава. Тој не го користеше премиерскиот кабинет, во кој претходно седеше Никола Груевски, туку друга просторија во Владата.

    Кабинетот на Димитриев сега го користи вицепремиерот Кочо Анѓушев.

    Само во еден агол има саксија со овенато растение и четири кратки парчиња од зелениот килим (Фото: СДК.МК)

    САКАМДАКАЖАМ.МК доби ексклузивна можност да влезе и да ја фотографира тајната просторија.

    Мермерните скали покриени со црвен дебел килим, десно од главниот влез од Владата на Република Македонија, водат до широк простор на првиот спрат. По повторно свртување десно, стигнавме до канцелариите и кабинетите во шестата кула во Владата, од вкупно седумте.

    Преку една канцеларија со 3 вработени, и преку две црни врати, влеговме во пространиот кабинет на поранешниот премиер Емил Димитриев. На десниот ѕид, слика „Мајка со дете“ од Никола Мартиноски, на левиот, до прозорите кои гледаат на Кејот на Вардар, слика од Владимирски. Десно блиску до работната маса, има две врати кои на прв поглед и не се толку впечатливи.

    На крајот од тајната соба има врата со стакло, но службите немаат клуч од неа (Фото: СДК.МК)

    Едната врата води кон тоалетот, а откако ја отворивме другата наидовме на уште една, бела врата. Кога ја отворивме, влеговме во просторија што на прв поглед изгледа малку морничаво и клаустрофобично бидејќи нема никави прозорци. Но впечатокот малку се промени кога го вклучивме светлото.

    Во собата од околу 20 квадратни метри има 4 сијалици, 3 штекери, 1 систем за аларм, спуштен плафон од хантер-даглас, на кој недостасуваат неколку плочи и висат кабли.

    По разгледувањето на собата, забележавме шајка на едниот ѕид и остатоци од прав, за кои претпоставуваме дека се или од слика или од телевизор. На другиот ѕид има 4 дупки од шајки, но нема остатоци од прав за да може да се претпоставува дали нешто било закачено.

    Подот е од бетон, но по аглите на ѕидовите се забележуваат остатоци од зелен килим, а пак на некои места од подот има остатоци од лепак и се гледа како е искорнат килимот (Фото: СДК.МК)

    Подот е од бетон, но по аглите на ѕидовите се забележуваат остатоци од зелен килим, а пак на некои места од подот има остатоци од лепак и се гледа како е искорнат килимот.

    Само во еден агол има саксија со овенато растение и четири кратки парчиња од зелениот килим.

    На крајот од тајната соба има врата со стакло, но службите немаат клуч од неа.

    За да утврдиме каде води, излеговме од кабинетот на поранешниот премиер Димитриев, и по кратка претпоставка се упативме по еден ходник каде има 2 канцеларии, 2 чекални и тоалет. Еден од нашите колеги остана во тајната соба за да чукне на вратата, и така заклучивме дека тајната соба излегува во споменатиот ходник.

    Тајната соба е скриена, но излезот од неа не е толку скриен, затоа што, кој и да сака да излезе од таму, пак треба да помине низ ходник со службеници и да се симне по скали и од лева и од десна страна и тешко дека нема да биде забележан (Фото: СДК.МК)

    Тајната соба е скриена, но излезот од неа не е толку скриен, затоа што, кој и да сака да излезе од таму, пак треба да помине низ ходник со службеници и да се симне по скали и од лева и од десна страна и тешко дека нема да биде забележан.

    Портретите на премиерите Никола Кљусев, Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Хари Костов, Владо Бучковски, Никола Груевски и Емил Димитриев се поставени на ѕидот пред влезот кој води во кабинетот на премиерот (Фото: СДК.МК)

    Во владината Служба за општи и зеднички работи сè уште немаат сознанија за која намена е изградена и за што се користела оваа и уште 3 други слични простории во зградата на Владата. Од Службата велат дека во тек е постапка за опремување на овие соби.

    За новиот ентериер на Владата на Република Македонија влада на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски потроши 5,2 милиони евра. Владината зграда е изградена во 1970 и беше еден од најдобрите примери на македонската модерна архитектура. Со реновирањето, модерната и во ентериерот е заменета со лажен неокласичен микс на Версај и Кремљ што го одобри Груевски и во кој тој работеше со својот тим до оставката на 15 јануари, 2016.

    Внатрешното реновирање беше дел од промената на фасадата на владината зграда, како дел од проектот „Скопје 2014“ што чинеше 16 милиони евра, а за оградата од ковано железо се потрошени 700.000 евра.
    Промената на надворешниот изглед на Владата почна во 2011, без согласност за изведба на проектот од оригиналниот автор на објектот Петар Муличковски. Севкупно, според податоците на Бирото за јавни набавки, за промената на фасадата, ентериерот и оградата владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски потрошила 21,9 милиони евра.

    Во новиот ентериер на владината зграда, има и 7 портрети на сите досегашни премиери во независна Македонија насликани во техниката масло на платно. Портретите на Никола Кљусев, Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Хари Костов, Владо Бучковски, Никола Груевски и Емил Димитриев се поставени на ѕидот пред влезот кој води во кабинетот на премиерот. Шест од портретите се вертикални и се со иста големина, а видно поголем од другите и единствен хоризонтален е оној на Груевски, на кој е насликано и македонско знаме.

    Б. НЕСТОРОСКА /Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари