ТИЕ ШТО ПРОТЕСТИРААТ СЕ ПРАВНИЦИ ШТО КРШАТ НЕКОЛКУ ЗАКОНИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ЗА СТУДЕНТИТЕ КОИ БАРААТ ДА ПОЛАГААТ ПРАВОСУДЕН ИСПИТ НА АЛБАНСКИ ЈАЗИК

    ТИЕ ШТО ПРОТЕСТИРААТ СЕ ПРАВНИЦИ ШТО КРШАТ НЕКОЛКУ ЗАКОНИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ЗА СТУДЕНТИТЕ КОИ БАРААТ ДА ПОЛАГААТ ПРАВОСУДЕН ИСПИТ НА АЛБАНСКИ ЈАЗИКСтудентите Албанци на протестот на 18 мај, на кој се вееја знамиња на Албанија. (Фото: К. Попов)

    Поддржувам протести, но мене лично ми пречи што протестантите коишто практично се правници, коишто се борат за право, го прекршуваат законот, да речеме Законот за знамињата, Законот за државната химна, Уставот и така натаму, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски за протестите на студентите Албанци. Тие досега преку два протеста бараат итно овозможување на правото за полагање на правосудниот испит и на нивниот мајчин јазик.

    „Навредите нема да ги коментирам, тоа е сепак домашно воспитување што во првите седум години од од животот се стекнува. Нема да го коментирам ниту инцидентот насилен којшто се, којшто се случи. Нема да ги коментирам ни надворешните мешања во внатрешните работи на Македонија на некои надворешни фактори. Тоа веќе го оставаме како фолклор. ​Но, она на кое што ние како Влада во моментов го работиме е да се обезбеди трајно решение со кое што овој, но и низа други проблеми коишто ги наследивме од минатото ќе бидат решени. Исто така, го осудувам однесувањето на опозициската партија Демократска унија за интеграција, бидејќи тие имаа можност 20 години да ги решат овие прашања. За жал, ништо не направија, но затоа решија многу лични прашања. И ако ја споредите имотната состојба ќе видите како од голтари се станува милионери на грбот на националните пароли и на грбот на на луѓето коишто мака мачат како од први до први да го поминат месецот. ​Но, како и да е, ние сме одговорна Влада и ние така постапуваме и така и ќе се однесуваме. Секое решение како закон ќе биде испратено до Венецијанска комисија“, одговори Мицкоски на новинарско прашање по поставување на камен темелник на доградба на ООУ „Јоаким Крчовски“ во скопската Општина Ѓорче Петров.

    Копретседателите на „Вреди“ Билал Касами и Изет Меџити  на 18 мај имаа работна средба со Мицкоски. Од Владата по средбата соопштија дека преку заеднички, мудар и достоинствен пристап се доаѓа до решенија кои значат напредок, градење на меѓусебна доверба и заедничка иднина. Владејачката „Вреди“ на 19 мај соопшти дека започна со изработка на законски решенија со кои сите професионални испити и постдипломски лиценци за работа во државата ќе бидат достапни на албански јазик.

    Од „Вреди“ велат дека по сопствена иницијатива ја мапирале целата соодветна проблематика во оваа сфера, со намера реформите да не запрат само на правосудниот испит, за кој вчера најавија дека ќе се полага на албански јазик по протестите на студентите Албанци. Како главна цел на предложените измени се наведува создавањето на логичен и праведен систем во државата, кој ќе овозможи секој граѓанин што го завршил своето високо образование на албански јазик, да може под еднакви услови и на истиот јазик да ја добие и соодветната лиценца за работа.

    „Студентите побараа правосуден испит, но ‘Вреди’ самоиницијативно ја мапираше целата соодветна проблематика. Нема да застанеме само тука, веќе работиме на законски решенија со кои сите професионални испити и постдипломски лиценци за работа во земјата ќе им бидат достапни на младите на нивниот мајчин јазик. Наша цел е логичен и праведен систем: тој што студирал на албански, да може на албански да ја добие и својата лиценца за работа“, се вели во соопштението на „Вреди“.

    Според најавите од „Вреди“, новиот законски концепт во претстојниот период ќе ги опфати сите стручни досогласувања, професионални тестирања и дозволи за работа во земјата, со што се очекува да се надминат досегашните системски пречки при институционалното и економското напредување на младите кадри.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира