ТРОЈЦА СПЕЦИЈАЛЦИ ОД ЕБР ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУС НА ЗАДАЧА, СПИЕЛЕ ВО ОДМОРАЛИШТЕТО НА МВР ВО ОХРИД

    ТРОЈЦА СПЕЦИЈАЛЦИ ОД ЕБР ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУС НА ЗАДАЧА, СПИЕЛЕ ВО ОДМОРАЛИШТЕТО НА МВР ВО ОХРИДОд 18 тестови, засега тројца се позитивни, четворица специјалци негативни, а за 11 се очекуваат резултатите денеска или утре. (Фото: СДК.МК)

    Тројца припадници на единицата за брзо распоредување во МВР се заразени од коронавирус, потврди денеска министерот за здравство Венко Филипче. Се тестира целата група од 18 специјалци кои престојувале заедно со заразените, во одморалиштето на МВР во Охрид.

    Првиот заразен бил регистриран во неделата, кога покажал симптоми на зараза со КОВИД-19, односно кога по тестирањето, резултатот кај него бил позитивен, велат официјално од МВР. Веднаш потоа биле тестирани уште 17 специјалци, колку што броела таа група, пратена на задачи во Охрид.

    Осумнаестемина, всушност, се вратиле во Скопје во петокот, а симптоми на коронавирус првиот од нив покажал во неделата. Целата група од неделата се наоѓа во самоизолација. Од досегашните 18 теста, вкупно тројца се позитивни, четворица негативни на коронавирусот.

    Се чекаат резултатите од коронатест за 11 припадници од истата група од ЕБР што била една недела во Охрид, велат од МВР. Засега, сите се чувствуваат добро и според информациите на Одделот за односи со јавност во Министерството, никој од тројцата заразени не е хоспитализиран.

    Во тек се епидемиолошки анализи да се види како се заразиле специјалците од ЕБР, велат од МВР.

    Досега, од десетината заразени службени лица од МВР, сите беа од сообраќајната полиција.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари