ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОРОНАВИРУС ЌЕ СЕ ДАВА ВО ДВЕ ДОЗИ ВО РОК ОД 21 ДЕН, ПО ВТОРАТА ТРЕБА ДА СКОКНАТ АНТИТЕЛАТА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОРОНАВИРУС ЌЕ СЕ ДАВА ВО ДВЕ ДОЗИ ВО РОК ОД 21 ДЕН, ПО ВТОРАТА ТРЕБА ДА СКОКНАТ АНТИТЕЛАТА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕПриоритет во вакцинирањето против ковид-19 ќе имаат сите здравствени работници од ковид-центрите и оние коишто работат со заболени или сомнителни пациенти со коронавирус, рече министерот за здравство Венко Филипче. (Фото: К. Попов)

    Граѓаните ќе се вакцинираат против коронавирус доброволно и бесплатно во постојните пунктови за вакцинација и во болниците. Приоритет во вакцинирањето против ковид-19 ќе имаат сите здравствени работници од ковид-центрите и оние коишто работат со заболени или сомнителни пациенти со коронавирус, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

    „Веќе се обезбедени 833 илјади вакцини за 400 илјади граѓани, преку Ковакс-механизмот на СЗО и на Глобалната алијанса за имунизација, а во кои учествуваат сите соседни земји, освен земјите членки на ЕУ, кои имаат можност за директен договор со компаниите кои произведуваат и дистрибуираат вакцини.  Ковакс ќе го одреди планот за дистрибуцијa многу скоро. Дополнителна количина ќе можеме директно да набавиме од ‘Астра Зенека’ и од „Фајзер“. Добивме понуда и од Полска и од Грција, кои грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис му ги понудил на премиерот Зоран Заев и од нив се обезбедени дополнителни околу 800 илјади вакцини“, кажа министерот Филипче.

    Тој додаде дека и од САД се договорени фрижидери за чување на вакцините против ковид-19 на минус 70 степени. Ќе стигнат на почетокот на јануари.

    По здравствените работници и оние кои земаат брисеви и се изложени директно на зараза од коронавирус, на ред за вакцинирање ќе бидат граѓаните со над 65 години и пациентите со хронични болести, во делот на хронични белодробни и кардиоваскуларни болести, понатаму вработените во критичната инфраструктура и во транспортот.

    Вакцината ќе се дава само на пациенти во добра општа здравствена состојба (исто како и кај другите вакцини). И тие што прележале коронавирус ќе може да ја примат, но нема да бидат меѓу приоритетните. Ќе се дава првата доза, па по 21 ден, втората. По дваесет и првиот ден се очекува заштитниот ефект на вакцината, одговори министерот на прашањата.

    Децата не се предвидени за вакцинирање.

    Филипче кажа дека целта, според медицинските експерти, е 60 до 70 проценти од популацијата да ја прими вакцината, што би било доволен процент за стекнување имунитет.

    Набавната цена на вакцината што ќе ја плати државата, а граѓаните не, е 10 долари за доза.

    „Вирусот е сè уште силен, да се воздржиме од куќни и од новогодишни слави, зашто сигурен сум дека вгодина најнормално ќе си ја славиме Нова Година“, рече Филипче.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира