ВАУЧЕРИТЕ ОД 6.000 ДЕНАРИ ЗА ОДМОР ЌЕ СТИГААТ НА ДОМАШНА АДРЕСА, ЌЕ СЕ КОРИСТАТ ОД 15 ЈУЛИ ДО 15 ДЕКЕМВРИ

    ВАУЧЕРИТЕ ОД 6.000 ДЕНАРИ ЗА ОДМОР ЌЕ СТИГААТ НА ДОМАШНА АДРЕСА, ЌЕ СЕ КОРИСТАТ ОД 15 ЈУЛИ ДО 15 ДЕКЕМВРИПокрај ваучер за одмор, сите вработени граѓани со плата до 15.000 денари ќе добијат и платежна картичка од 3.000 денари која ќе може да се користи во угостителски објекти и хотели. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Сите вработени граѓани кои имаат месечни приходи до 15.000 денари, на домашна адреса ќе добијат ваучер од 6.000 денари за годишен одмор во земјава. Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција кажа дека со оваа мерка за помош на туризмот како една од најпогодените гранки од коронакризата, ќе се опфатат 100.000 граѓани. Покрај ваучер за одмор, граѓаните ќе добијат и платежна картичка од 3.000 денари која ќе може да се користи во угостителски објекти и хотели.

    „Оваа мерка се однесува за сите вработени граѓани кои според податоците од Управата за јавни приходи од јануари до април не оствариле приходи над 60.000 денари. Откако УЈП ќе ги достави податоците за граѓаните кои ги исполнуваат условите за оваа мерка, на истите преку електронска пошта ќе им биде доставен ваучер и упатство за користење. Министерството за економија ќе изработи платформа на која сите хотели и приватни сместувачки капацитети ќе ги постават своите капацитети. На платформата ќе можат да се постават само категоризирани објети. Оние кои не се категоризирани истото можат да го направат до крајот на јуни, за да може да аплицираат и да бидат вклучени во платформата“, рече Бектеши.

    Ваучерите за одмор и платежните катрички ќе можат да се користат од 15 јули до 15 декември. Истовремено, Министерството ќе почне кампања за промовирање на туристичките дестинации во земјава.

    За оваа мерка за помош на домашниот туристички и угостителски сектор предвидени се 10 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира