ВАЖНО ИМА МНОЗИНСТВО ДА ПАДНЕ ВЛАДАТА НА ЗАЕВ, ЌЕ СЕ ОБИДАМ ДА НАПРАВАМ НОВА, АКО НЕ, ЌЕ ИМА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    ВАЖНО ИМА МНОЗИНСТВО ДА ПАДНЕ ВЛАДАТА НА ЗАЕВ, ЌЕ СЕ ОБИДАМ ДА НАПРАВАМ НОВА, АКО НЕ, ЌЕ ИМА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИМицкоски вели дека очекуваат в понеделник да пристигне оставката на премиерот Заев во Собранието, а ако не ја поднесе, тогаш ќе почнат постапка за недоверба на владата. (Фото: К. Попов)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска кажа дека со иницијативата со потписи од 61 пратеник има ново парламентарно мнозинство и дека тоа значи оти со сигурност паѓа владата на Зоран Заев и коалицијата СДСМ-ДУИ. Тој кажа дека ако не успее да формира нова влада, ќе се оди на предвремени парламентарни избори.

    Новото парламентарно мнозинство го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алтернатива, Алијанса за Албанците и Левица, а Мицкоски на прес-конференцијата го покажа списокот со потписите на 61 пратеник за ново мнозинство и кажа дека очекува тоа да биде зголемено.

    „Ќе се обидам да формирам нова влада и тоа ќе се случи само ако бидам сигурен дека тоа ќе биде влада со сериозен кредибилитет и на стабилни инситуции. Ако не се постигне оваа цел и не обезбедам полна ефикасност на владата потребна за справување со кризите, борба против корупција и криминал кои се клучен проблем во земјата, тогаш единствена опција се брзи парламентарни избори за да народот избере“, рече Мицкоски.

    Тој кажа дека очекуваат в понеделник да пристигне оставката на премиерот Заев во Собранието, а ако не ја поднесе, тогаш ќе почнат постапка за недоверба на владата. Мицкоски кажа дека уште од вчера од власта се прават жестоки притисоци врз потпишаните пратеници, но засега нема информации дека некој би се поколебал.

    По прес-конференцијата на Мицкоски, од СДСМ соопштија дека „целта му била да руши Влада со политичка партија која е дел од актуелната влада – БЕСА, дека земјата ќе ја носел напред ама со анти-НАТО и антиамерикански коалиционен партнер – Левица“.

    „На следниот состанок на масата на новата коалиција останува да ги стави фотографиите од Орце Камчев, Никола Груевски и Сашо Мијалков и да изјави дека заедно ќе го расчистуваат криминалот на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе видиме деновиве дали ќе се избере нова анти-демократска, анти-Преспа, анти-НАТО и анти-ЕУ Влада, дали Мицкоски има капацитет и одговорност“, соопшти СДСМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира