Викенд без ДДВ во продавниците за облека, бела техника, мебел, училишен прибор ќе се организира кон крајот на август или почетокот на септември, кажа денеска Фатмир Битиќи, советник во Владата за економски прашања. Вчера, премиерот Оливер Спасовски презентирајќи го третиот сет економски мерки за справување со коронакризата, кажа дека ќе се воведе викенд без да се плаќа данок на додадена вредност (ДДВ) за сите граѓани.
На новинарско прашање како Владата планира да ја спроведе оваа мерка кога тоа ќе предизвика гужви во продавниците, а на сила е уредбата за негрупирање и држење на дистанца, Битиќи кажа дека викенд без ДДВ ќе се спроведе кога се спласне пандемијата на КОВИД-19.
„Оваа мерка се предвидува за крајот на август или почетокот на септември, кога ќе се создадат услови за непречено функционирање и кога нема да има негативен ефект врз граѓаните. Ако и во овој период има препораки за негрупирање, ќе размислиме кога ќе се реализираат. Нема да креираме мерка која ќе го загрози здравјето на граѓаните“, кажа Битиќи и додаде дека граѓаните ќе ги добиваат парите преку софтверското решение на УЈП, исто како и проектот „Мој ДДВ“.
Со оваа мерка која Владата ја најави вчера, како што кажа Битиќи, ќе се поттикне потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори, како што се продавници за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги. Се очекува дополнителен приход од 20 милиони евра да се слеат во македонското стопанство.
Целата процедура за аплицирање на граѓаните за третиот пакет економски мерки на Владата ќе се прецизира во наредните две до три недели, а постапките ќе бидат едноставни и нема да има обемна административна процедура за предвидените ваучери и платежни картички за граѓаните, рече Битиќи.
А. АНТЕВСКА