ВЛАДАТА ПРОГЛАСИ 30-ДНЕВНА КРИЗНА СОСТОЈБА ПОРАДИ КОВИД-19, В НЕДЕЛА ЌЕ СЕ ЗНАЕ КАКО ЌЕ СЕ КОРИСТИ ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВО

    ВЛАДАТА ПРОГЛАСИ 30-ДНЕВНА КРИЗНА СОСТОЈБА ПОРАДИ КОВИД-19, В НЕДЕЛА ЌЕ СЕ ЗНАЕ КАКО ЌЕ СЕ КОРИСТИ ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВОВ недела ќе бидат договорени услови под кои на располагање ќе бидат капацитетите на сите приватни болници и приватни поликлиники, како и кадарот кој што таму работи; - Приватната клиника „Жан Митрев“ во Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Владата вечерва донесе Одлука за постоење на кризна состојба на територијата на земјава, заради заштита на јавното здравје во услови на пандемија со ковид-19 и заради спречување од ширење на заразата. Кризната состојба ќе биде во период од 30 дена почнувајќи од денеска, и за оваа одлука Владата ќе го извести Претседателот и Собранието. В недела ќе се знае како ќе се користат ресурсите на приватното здравство.

    Владата ја донесе олуката на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, по претходен предлог на Групата за процена, на чие чело е Стојанче Ангелов, вршител на должност директор на Центарот за управување со кризи.

    Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека на располагање ќе бидат капацитетите на сите приватни болници и приватни поликлиники, како и кадарот кој што таму работи. Филипче попладнево имаше работен состанок со сопствениците на приватните болници „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“.

    „Со оглед на тоа што за првпат државата заедно со приватните здравствени институции треба да направи реорганизација за справување со ковид кризата во време на пандемија, дополнителни прецизирања на условите, начинот на користење на ресурсите на приватните здравствени установи ќе бидат договорени на следниот состанок закажан за в недела. Дотогаш, на формализирање на соработката работат тимовите од Министерството и приватните болници“, соопшти Министерството за здравство.

    До вчера, од коронавирусот на Инфективните оддели во Скопје и во државните болници низ земјава се лекуваат 1.258 болни и има околку 60 празни болнички кревети во ковид-центрите.

    Вчера Советот за безбедност препорача прогласување кризна состојба ради коронакризата. Претседателот Стево Пендаровски вчера појасни дека воведувањето ваква кризна состојба нема никаква врска со воведување полициски час, ниту какви било други рестриктивни мерки. Кризната состојба, ќе овозможи армијата да дава поддршка на територијата на целата земја.

    „Во кризна состојба има законска можност владата да управува со ресурсите на државните органи, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, како и Градот Скопје, но и на трговските друштва, во овој случај приватните здравствени установи. Не станува збор за национализација, туку евентуално за нивно управување, но само таму и во обем за кои владата ќе процени дека е потребно“, изјави Пендаровски.

    Тој објасни дека за сите услуги кои што приватните здравствени установи ќе ги даваат ќе добијат обесштетување, односно компензација.

    „Нема да биде национализација, па да имаме нов газда, туку државата ќе биде менаџер во наредните 30 дена. Законски, обесштетувањето не може да биде повеќе од 30% од пазарната вредност“, кажа претседателот.

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира