ВЛАДАТА СЕ ОБВРЗA ДЕКА ЌЕ ГИ СПРОВЕДЕ ПРЕПОРАКИТЕ ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ШТО НЕ ГИ ИЗГЛАСАА ПРАТЕНИЦИТЕ

    ВЛАДАТА СЕ ОБВРЗA ДЕКА ЌЕ ГИ СПРОВЕДЕ ПРЕПОРАКИТЕ ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ШТО НЕ ГИ ИЗГЛАСАА ПРАТЕНИЦИТЕМинистрите денеска ја поправаше грешката на збунетите праеници - Од денешната владина седница (Фото: Влада на РМ)

    Владата се обврзува да работи на унапредување на  слободите и човековите права и ќе преземе активности за спроведување на препораките на Народниот правобранител за унапредување на човековите права, стои во заклучокот од денешната седница откако вчера пратениците беа збунети и не гласаа за препораките на Омбудсманот.

    „Во врска со годишниот извештај на Народниот правобранител Иџет Мемети за состојбата со човековите права во Македонија во 2016 година кој е доставен до Собранието, Владата донесе заклучок дека се обврзува посветено да работи на унапредување на состојбите со човековите права во интерес на сите граѓани на Република Македонија и по доставените препораки од Народниот правобранител, Владата ќе преземе активности за нивно спроведување согласно Законот за Народен правобранител на Република Македонија“, се вели во соопштението од денешната владина седница.

    Пратениците вчера не ги прифатија препораките на Народниот правобранител Иџет Мемети за подобрување на состојбата со човековите права. Како што изјавија координаторите на СДСМ и на ДУИ Томислав Тунтев и Артан Груби, тоа се случило поради техничка грешка.

    Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев денес потврди дека вчера во Собранието имало доволен број пратеници за да се изгласаат предложените мерки од Народниот правобранител , но, пратениците биле деконцентрирани или збунети од точките на дневниот ред, па не гласале.

    „Тоа беше техничка грешка. Имаше доволен број пратеници за гласање, но пратениците од мнозинството, дали беа деконцентирани или збунети од точките, не гласаа. Инаку имаше доволно пратениците да бидат изгласани препораките на Омбудсманот“, изјави Тунтев по денешната прес-конференција на Народниот правобранител Иџет Мемети, кој ги обвини пратениците за дрско кршење на Законот за народен правобранител.

    Тунтев додаде дека пратеничките групи имале координација и се договориле,  да ја исправат грешката.

    На вчерашната седница, 37 пратеници гласаа „за”, петмина беа „против” и еден беше воздржан.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира