СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ВО ПЕТОКОТ СЕ ДОГОВОРИЛЕ ДЕКА ИСТРАГИТЕ И ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО МОРА ДА ПРОДОЛЖАТ

    СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ВО ПЕТОКОТ СЕ ДОГОВОРИЛЕ ДЕКА ИСТРАГИТЕ И ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО МОРА ДА ПРОДОЛЖАТКога би прифатиле обвинителите од СЈО да ги остават предметите што ги застапуваа досега на судските рочишта, а кои се веќе на крајот, со пресуди или пред првостепени пресуди и нив да ги преземар други обвинители, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе значи почнување на сите судења одново. - Од судењето за „Титаник“ (Фото: К. Попов)

    Преговарачите од СДСМ, предводени од министерката за правда Рената Дескоска, во петокот постигнале начелен став со колегите од ВМРО-ДПМНЕ, почнатите истраги од СЈО и обвиненијата за кои има судски рочишта и пресуди, да продолжат кај што застанале и да се расветлат докрај. Да се утврди дали има или нема вина кај обвинетите и осомничените лица.

    Страната на ВМРО-ДПМНЕ, брифираат пратеници од СДСМ, се согласила во начело да нема никакви ограничувања во новиот Закон за Јавно обвинителство за почнатите предмети на СЈО, кое треба да се интегрира со новиот закон во Обвинителството за организиран криминал и висока корупција. Согласноста произлегла поради тоа што расчистувањето на тие отворени предмети е бенчмарк за добивање датум за преговори во октомври.

    „Тоа е напредокот од преговорите во петокот“, велат соговорниците од СДСМ.

    Официјално, министерката за правда Рената Дескоска не го потврдува напредокот и вели: „Сѐ уште е отворено прашањето за истрагите. Исто така и за статусот на обвинителите и истражителите“.

    Соговорниците велат дека токму кај статусот на обвинителите се крие и последната пречка за постигнување договор со ВМРО-ДПМНЕ за консензус, бидејќи прифаќање на нивното барање, носи кон скриена амнестија на обвинети и осомничени лица од СЈО.

    Барањето на ВМРО-ДПМНЕ и официјално е спакувано како амандман на Предлог-законот за Јавно обвинителство и со него се бара обвинителите од СЈО да се вратат во матичните обвинителства.

    Министерката за правда Рената Дескоска повеќепати кажа дека скриен облик на амнестија нема да дозволи. Но, како опција спомена предметите од СЈО да продолжи да ги води друго обвинителство, ако не се донесел законот. Притоа Дескоска постојано укажува дека заобиколен начин на амнестија, нема да дозволи.

    „Во случај да не се најде мнозинство за Законот за Јавно обвинителство, сите предмети на Специјалното јавно обвинителство ќе ги преземе и ќе ги продолжи друго јавно обвинителство. Или, со измена на Законот за Совет на јавни обвинители, кој се носи со обично мнозинство, ќе се најде решение за функционирање на Специјалното обвинителство“, рече на 27 август во Собранието министерката за правда Рената Дескоска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари