ВЛАТКО ИЛИЕВСКИ ЌЕ БИДЕ ПОГРЕБАН УТРЕ НА ГРОБИШТАТА ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

    ВЛАТКО ИЛИЕВСКИ ЌЕ БИДЕ ПОГРЕБАН УТРЕ НА ГРОБИШТАТА ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВВлатко Илиевски беше меѓу гостите и пријателите на промоцијата на книгата на Игор Џамбазов, лани во декември (Фото: СДК.МК)

    Пејачот и глумец Влатко Илиевски ќе биде погребан утре во 12 часот на гробиштата во Ѓорче Петров. Триесет и тригодишниот Илиевски синоќа беше пронајден мртов во својот автомобил во Скопје.

    Увид на лице место извршил јавен обвинител и увидна екипа на Министерството за внатрешни работи.
    По наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено за обдукција. Од МВР изјавија дека истрагата е по тек и кога ќе заврши ќе соопштат детали.

    „Според првичните информации, кај починатото лице не биле видливи траги на насилство. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на починатиот, како и насоки за прибирање на траги пронајдени на лице место на кои ќе претстои вештачење. Возилото е запечатено и исто така е предадено на вештачење. Се преземаат сите дејствија за да се утврдат причините за смртта“, соопшти Основното јавно обвинителство во Скопје.

    Влатко Илиевски e роден на втори јули 1985. Дипломираше на Факултетот за драмски уметности во Скопје, со претставата „Гнев“ на Стивен Кинг. Играше во филмот „Златната петорка“ во режија на Горан Тренчовски. Првите посериозни почетоци со музиката ги има со групата „Мејд ин Маседонија“, а од 2000 до 2007 беше член во групата „Морал“. Во 2005 групата го објави албумот „Кога патувам“, со хитовите „Панично те сакам“, „Скопје“, „Ти си“, „Ова е Македонија“ и „А ти ме убиваш“. Во 2005 „Морал“ беше предгрупа на концертот на „Дип парпл“ во Скопје.

    Во 2011 со песната „Русинка“ Илиевски ја претставуваше Македонија на Евровизија во Диселдорф, Германија.

    Илиевски во 2007 започна соло кариера како поп и рок пејач. Неговиот прв албум „Со други зборови“ има 10 песни, меѓу кои и  „Со други зборови“, „И премногу добро“, „Сите ми се криви“, „Така требало да биде“, „Небо“, „Скитник“. Вториот албум насловен „Најбогат на свет“ е со 10 песни, меѓу кои и „Среќа“, „Пред да те знам“, „И ти и јас“, „Се што сакав по тебе“, „Пак на старо“, „Најбогат на свет“, „Есен“, „За љубов се пее до крај“, „Не плачи“, „Извини“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира