ВМРО-ДПМНЕ СПРЕМА ПАКЕТ ЗАКОНИ СО КОИ ПАЌ ЌЕ ЈА ЗАРОБУВА ДРЖАВАТА КАКО ПРЕД 2017, ГИ ПРЕДУПРЕДИ ЛОГА СО ПИСМО СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ И ЕУ

    ВМРО-ДПМНЕ СПРЕМА ПАКЕТ ЗАКОНИ СО КОИ ПАЌ ЌЕ ЈА ЗАРОБУВА ДРЖАВАТА КАКО ПРЕД 2017, ГИ ПРЕДУПРЕДИ ЛОГА СО ПИСМО СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ И ЕУМинистерот за правда е загрижен за најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека подготвуваат пакет закони со кои ќе се распуштат Судскиот совет и Советот на јавните обвинители. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за правда Кренар Лога испрати писмо во кое изразува особена загриженост за најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека подготвуваат пакет закони со кои ќе се распуштат Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, соопшти Министерството. Писмото го испратил до Делегацијата на ЕУ во Македонија, до амбасадите на САД, Германија, Франција, Холандија и Белгија, до мисијата на ОБСЕ во Скопје, до Програмската Канцеларија на Советот на Европа во Скопје, до Стејт Департментот преку Амбасадата на САД во РСМ и до Европската Комисија во Брисел,

    „Во оваа прилика би сакал да ве информирам и да го насочам вашето внимание кон најавите за ‘упад’ кој се подготвува од парламентарното мнозинство во правосудниот систем. Паралелно со најавите за реформа на органите на управата и реорганизација на министерствата, владејачкото мнозинство соопшти дека подготвува и пакет закони со кои ќе се распуштат двете уставни и независни категории – Судскиот совет и Советот на јавните обвинители. Изјавите од партиски функционери за мене лично и за Министерството за правда се неприфатливи и недозволиви не заради одбрана на поединци во овие органи, туку за независноста и непристрасноста на овие институции за кои имаме добиено извештај од Оценската мисија каде точно е наведено што треба да се преземе од страна на органите на државата за подобрување на состојбите во судството“, вели Лога во писмото до најголемите странски партнери и помагачи во судските реформи во змејава.

    Потсетува дека иако како министер за правда минатата година кога се случија настаните во Судскиот совет, јавно излезе со став за престанок на мандатот на членовите за кој не доби поддршка од коалиционите партнери ниту од опозициските партии, а исто така и по оддржани консултации со претставници на амбасадите му било сугерирано дека Оценската мисија ќе ја скенира состојбата во Судскиот совет и ќе даде препораки за надминување на состојбите.

    Наведува дека Извештај е добиен.

    „Препораките од Извештајот со особено внимание беа разгледани од највиските претставници на правосудната, академската и стручната фела, како и граѓанскиот сектор и останатите засегнати страни. Дотолку повеќе, што овие препораки се дел од најзначајните документи, како што се: Стратегијата за развој на правосудниот сектор, Патоказот за владеење на правото, како и Планот за раст. Дополнително, беше формирарана работна група за законски реформи на Судскиот совет каде во повеќе наврати беа поканети претставници на тогашната опозициска партија и сегашен носител на владејачкото мнозинство, ВМРО ДПМНЕ, на што не добивме повратен одговор“, вели Лога во писмото.

    Тој и Министерството за правда изразуваат сериозна загриженост што поставеноста на ваквата концентрација на моќ на трите власти кај една политичка партија „ќе значи на пресликување на состојбите и проблемите пред 2017 година, коишто неспорно создадоа заробена држава, констатирано во повеќебројни извештаи од меѓународните организации“.

    Според Лога, ваквите најави се избрзани и опасни.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира