НЕКОЈ ДОПИШАЛ „ФИНЗИ“ НА ДОГОВОРОТ, СВЕДОЧЕШЕ ЃОКО ПОПОВСКИ ЗА НАБАВКАТА НА ОПРЕМА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ

    НЕКОЈ ДОПИШАЛ „ФИНЗИ“ НА ДОГОВОРОТ, СВЕДОЧЕШЕ ЃОКО ПОПОВСКИ ЗА НАБАВКАТА НА ОПРЕМА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕЃоко Поповски, осуден во случајот „Тенк“ на СЈО, пред Основниот суд Скопје 1 (архивска фотографија)

    Ѓоко Поповски, кој од затвор дојде да сведочи за случајот „Трезор“ како сведок на СЈО против обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Тони Јакимовски и Небојша Стајковиќ, ги препозна договорите и анексите што тој ги потпишал како помошник министер за јавни набавки во МВР.

    „Факт е дека сум потпишал договори и анекси со степен на државна тајна и строго доверливо иако архивите не смеат да архивираат документи од УБК со државна тајна, туку само со строго доверливо. Овој документ гледам дека во графата има допишано ‘Финзи ДООЕЛ’ како произведувач на опремата за прислушување, која требаше да се набави од Велика Британија и овој ракопис не е мој. Потврдувам, купувач е МВР, под него стои мојот потпис, а од другата страна потписник за ‘Финзи’ е овластеното лице Владислав Стајковиќ“, рече Поповски и потенцираше дела архивата не смее да архивира вакви документи под државна тајна.

    Во случајот „Трезор“ на СЈО, четворицата обвинети со злоупотреба на службена положба и овластувања ја оштетиле државата за 820.000 евра на начин што место МВР, односно УБК, директно да ја набави од набавувачот од Велика Британија, на барање на менаџментот на УБК предводен од Мијалков, Грујевски и Јакимовски, набавувачот требало да му ја продаде на „Финзи“, а потоа „Финзи“ на МВР, со што ѝ овозможиле на „Финзи“ нелегално да се стекне со 820.000 евра. Тука спаѓа и заработувачката од анексот на договорот за набавка, кој бил за доопремување на опремата.

    На прашање на обвинителите од СЈО од каде знаел што сѐ треба да се набави, па така бланко да потпишува договори на милионски суми, Поповски кажа дека по член 7 од Законот за јавни набавки, УБК не мора да оди на јавен тендер и да набавува како останатите субјекти во државата.

    Поповски на прашање одговори дека во неформален разговор со менаџментот на УБК дознал отприлика што треба да се набавува и на база на тоа усно кажување со помош на член 7 ги потпишал набавките.

    На прашање зошто кога ништо не знаел за „Финзи“ и првпат слушнал за таа фирма потпишал набавка и кој му дал препорака тоа да го направи, Поповски рече дека тоа било вообичаена процедура за набавките во УБК, односно за Петтата управа кај што се прислушува, а за тоа кој му дал препорака, се извини дека не може да се сети точно кој бил, бидејќи на тоа раководно место во МВР потпишувал од набавка за млеко и млечни производи до четири хеликоптери за МВР.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира