ВО ПОЛИКЛИНИКАТА ЈАНЕ САНДАНСКИ ВО СКОПЈЕ ОТВОРЕНО ШКОЛО ЗА РOДИТЕЛСТВО

    ВО ПОЛИКЛИНИКАТА ЈАНЕ САНДАНСКИ ВО СКОПЈЕ ОТВОРЕНО ШКОЛО ЗА РOДИТЕЛСТВОВо школото за родителство ќе работи обучен и стручен тим составен од педијатар, гинеколог акушер и патронажна сестра (Фото: Министерство за здравство)

    Во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје денес беше отворено првото „Роса школо за родителство“, каде идните родители и членови на нивните семејства ќе можат да се едуцираат за одговорно, успешно и позитивно родителство и како да се справат со секојдневните предизвици.

    Директорот на Здравствен Дом – Скопје, Злате Мехмедовиќ рече дека во школото за родителство ќе работи обучен и стручен тим составен од педијатар, гинеколог акушер и патронажна сестра.

    „Тие преку многубројни работилници, организирани во пет тематски целини, ќе обучуваат за успешно родителство, за текот на бременоста и нега на трудниците, како и за подготовките за породување, негата и исхраната на новороденчето. Апелирам до сите заинтересирани да се пријавуваат во оваа поликлиника, бидејќи предвидените обуки навистина носат големи бенефити за родителството“, рече Мехмедовиќ.

    Школото за родителство го отвори Министерството за здравство во соработка со „Пивара Скопје“, а пред неколку недели со УНИЦЕФ почна кампања „И родителството се учи“.

    Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека Министерството ќе обезбеди експертска помош и стручен кадар од лекари специјалисти што ќе работат во овие школи.

    „За некои од родителските предизвици не е можно да бидеме секојпат доволно подготвени, но почетокот е најважен. Не постои школа за успешно родителство, но затоа родителството се учи. Новите Роса школи за родителство се пример за куќа каде новите родителите ќе можат да отворат дискусии за емотивно приврзување, градење на карактерот на детето, учење на родителските стилови и ран детски развој“, рече министерот Филипче.

    Проектот „Роса школи за родителство“ е резултат на шестмесечната кампања преку која беше издвоен по 1 денар од секое продадено шише вода „Роса“ од 1,5 л, а средствата беа наменети за комплетно реновирање и опремување на три простории во здравствените институции наменети за Роса школите за родителство.

    Генералниот директор на Пивара Скопје, Владимир Косијер рече дека нивна цел е овој проект да стане долгорочен и да продолжи и наредните години.

    До крајот на годината во Општата болница во Гостивар и во Клиничката болница во Битола ќе бидат отворени уште две Роса школи за родителство.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари