Денес во Скопје во 18 часот пред зградата на Специјалното обвинитeлство (СЈО) во Скопје продолжуваат протестите што ги организира граѓанската иницијатива Протестирам.
Граѓанските антивладини протести продолжуваа и во Битола.
СДСМ официјално ги поддржува протестите, но раководството на партијата не се појавува во првите редови, затоа што не се организатори и не сакаат да им се мешаат на граѓанските активисти. Некои членови на СДСМ синоќа се навредија кога дел од демонстрантите пред седиштето на ЕУ викаа „Уааа! на повикот од еден говорник да се поздрави Зоран Заев.
По овој настан СДСМ синоќа издаде соопштение во кои стои дека „сите граѓани на Македонија заедно се носителите на промените за подобра и сигурна иднина“, но потсети дека токму СДСМ со Зоран Заев „со отворањето на вистината за Македонија го покажа вистинското лице на криминалната власт на Никола Груевски“.
Од таму велат дека ја почитуваат работата на граѓанските активисти и го разбираат нивното инсистирање да работат колективно, а не со поединечен лидер. Токму затоа и ќе продолжат да ја поддржуваат „Шарената револуција„ која покажува дека мора да се случи обединувањето на сите сили во општеството, без разлика на партиска, верска или национална припадност, само за да падне Груевски.
Демонстрантите бараат итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), итна и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.
САД вчера повторно побара од претседателот Ѓорге Иванов да ја повлече аболицијата затоа што таа предизвикува загриженот за неможност за организирање веродостојн избори. На прашањето како гледа администрацијата на САД на заострувањето на политичката криза во Македонија што предизвика масовни провладини и антивладини демонстрации, Елизабет Трудо, директорката на Канцеларијата за печат на Стејт департмент изјави:
„Ние и Европската Унија ја искажавме нашата загриженост за важноста од веродостојни избори во Македонија. Времето е кусо. Остана уште многу да се направи“. На редовниот прес брифинг во Стејт Департментот таа се повика на претходните официјални изјави на претставници на САД и рече:
„Силно бараме од претседателот Иванов да ја повлече одлуката и да им дозволи на Специјалното обвинителство и на судовите да си ја вршат својата работа“.
Повеќе светски медиуми веќе неколку дена пишуваат дека ЕУ разгледува воведување санкции против водечки членови на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи и забрани за патување и замрзнување на имотот. Таква одлука се уште не е донесена, но стои како опција. Сите 28 земји членки на ЕУ ќе мора едногласно да се согласат за таквите мерки.