ВО ВЛАДАТА СЕ ОПТИМИСТИ, АКО НЕ ВО ЈУНИ, ГОДИНАВА СИГУРНО ЌЕ ИМА ДАТУМ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ

    ВО ВЛАДАТА СЕ ОПТИМИСТИ, АКО НЕ ВО ЈУНИ, ГОДИНАВА СИГУРНО ЌЕ ИМА ДАТУМ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУПо билатералните средби кои што ги имале премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, од Владата се оптимисти, но постои можност датумот за преговори земјава да не го добие во јуни на Самитот на Европскиот совет, како што се очекува; - Заев, Димитров о Османи со Меркел вчера на состанокот во Берлин.(Фото: Влада на РСМ))

    Владината делегација, после вчерашниот состанок во Берлин на лидерите на земјите од Западен Балкан со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, е сигурна дека годинава земјава ќе добие датум за почнување на пристапните преговори со Европската унија. Од Владата велат дека на состанокот во Берлин тема не било проширувањето на ЕУ, туку односите меѓу Србија и Косово. Сепак, по билатерланите средби кои што ги имале премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, од Владата се оптимисти, но постои можност датумот за преговори земјава да не го добие во јуни на Самитот на Европскиот совет како што се очекува.

    „За нас нема дилема дека државата заслужува годинава да добие датум за преговори. И на сите средби со европските лидери и претставници на Европската унија, земјава е оценета како единствен добар пример на Балканот. И состанокот во Берлин започна со пофалби за сето она што го постигна земјава со потпишувањето на Договорот од Преспа. Реформите во земјава се важни за одлуката, но секако влијание имаат и случувањата во Европската унија заради изборите за Европскиот парламент“, брифираат високи извори од Владата.

    Проблем за добивање на датум претставува и кусото време од објавување на извештајот за напредокот на земјата до Самитот на Европскиот совет, особено во земјите каде одлуката треба да помине во Парламентот.

    „Во тој период, германскиот Бундестаг ќе има само неколку сесии и прашање е дали во тој период ќе се дискутира околу прашањето за почетокот на преговори на Македонија“, велат од Владата.

    Франција, пак, ниту на средбите во Берлин не кажала јасен став, ќе го чекаат прво извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава.

    „Доколку ЕУ не одговори позитивно на сите чекори кои земјава ги презеде изминатиов период, тогаш тоа може да биде демотивирачки за другите земји, кои нема да ги решаваат меѓусебните спорови бидејќи ќе сметаат дека нема да бидат вреднувани од Унијата“, велат од Владата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира