Во Здравствен дом Скопје сега работат 500 луѓе помалку за разлика од пред десет години, кажа министерот за здравство Венко Филипче на прес конференцијата за предлог-буџетот за 2019 година во делот за здравство, и додаде дека наредната година ќе има нови вработувања во овој сектор за да се доекипира службата.
„Свесен сум дека службите за Итна помош се соочуваат со огромен проблем, немање возила, но и одлив на кадар. Само Здравствен дом Скопје за разлика од пред 10 години функционира со 500 луѓе помалку, така што планирано е и примање кадар“, рече Филипче.
Со предлог-буџетот за 2019 година предвидени се и средства за набавка на 40 нови амбулантни возила за зајакнување на Итната медицинска помош, а министерството неодамна набави 12 нови.
„Планираме набавка на нови возила тоа го кажа и министерот Тевдовски. Веќе завршивме една набавка, набавивме 12 возила, од кои 6 се за Скопје, а останатите ќе ги распределиме таму каде е најкритично. Ќе продолжиме да го зајакнуваме сервисот на Итна помош. Тука не станува збор само за возила туку и на целокупниот модел, некаде мора да се зајакне со домашни сервиси посебно каде има сериозен недостаток на лекари на примарно ниво“, рече Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА