Вработен на депонијата „Дрисла” со месеци живее во Австралија, а зема плата како редовно да доаѓа на работа. Ова го покажува првичната ревизија во работењето на депонијата, откако Град Скопје ја презема под своја надлежност од концесионерот италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“.
При проверката на финансиските движења, исплатите на плати и бројот на вработени, било констатирано дека еден вработен повеќе од три месеци не доаѓал на работа, а се водел дека е на годишен одмор. Извори од депонијата за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека новиот директор Коста Начевски веднаш побарал објаснување како е можно овој вработен да користи со месеци одмор кога на ниту еден вработен не му следуваат толку денови годишен одмор. Веќе наредниот ден вработениот му испратил порака на директорот дека морал да остане во Австралија толку долго бидејќи помагал во гасењето на пожарите кои ја зафатиле земјата. Тој уште истиот ден добил отказ бидејќи без покритие со месеци не се појавил на работното место.
Градоначалникот Петре Шилегов во средата кажа дека лично тој побарал внатрешна ревизија за да се видат сите движења на финансиите, бидејќи дел од тие финансии биле и јавни во изминативе девет месеци откако беше поништена постапката за концесија.
„Наидуваме на некои чудни работи, луѓе што живеат во Австралија се водат како вработени. Работиме да ја оспособиме механизацијата која ја имало ова претпријатие пред да биде дадено под концесија, со цел трошоците за изнајмување на градежни машини што било практика во минатото, да ги избегнеме. Веќе сме во процес на набавка на нов стерилизатор што не беше набавен од претходните сопственици. Исто така, работиме на тоа да изградиме постројка за од отпадните гасови да се произведува електрична енергија. Моја цел е со инвестиции во овој дел и во пречистителната станица за одливните води, „Дрисла“ да стане санитарна депонија“, вели Шилегов.
„Дрисла„ стана јавно претпријатие на Град Скопје на 20 јануари. Со депонијата 9 години стопанисуваше концесионер, италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“. Договорот за давање на „Дрисла“ под концесија на Италијанците на 35 години беше потпишан во 2011 година кога градоначалник беше Коце Трајановски.
Во изминативе девет години на депонијата ништо не е вложено како што ветуваа концесионерите. Во април 2018 година беа поставени нови филтри на печката за медицински отпад, но тоа следуваше откако во јануари, Инспекторатот за животна средина ја казни со 8.500 евра депонијата и им наложи во рок од 90 дена да постават филтри бидејќи од печката излегуваат повеќе загадувачки материи од она што е максимално дозволено.
А. АНТЕВСКА