ВРАБОТЕНИТЕ ВО КЛИНИЧКИ ГО ОДЛОЖИЈА БЛОКИРАЊЕТО НА РАМПИТЕ НА ПАРКИНГОТ, ФИЛИПЧЕ ЌЕ ГО УБЕДУВА ШИЛЕГОВ

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО КЛИНИЧКИ ГО ОДЛОЖИЈА БЛОКИРАЊЕТО НА РАМПИТЕ НА ПАРКИНГОТ, ФИЛИПЧЕ ЌЕ ГО УБЕДУВА ШИЛЕГОВ„Со блокирање на наплатните пунктови нема да направиме штета на пациентите, бидејќи нема да ги блокираме рампите за влез и излез, а Градот ако е толку засекиран за пациентите еден ден може да ги отвори рампите и да не им наплати ним паркинг, и само од нас привилегираните да наплати“, вели Претседателот на Самостојниот синдикат на вработените во клиничкиот центар Горан Беговиќ (Фото: К.Попов)

    Вработените во Клиничкиот центар го одложија најавеното блокирање на наплатните рампи на паркингот во кругот на клиниките, во знак на револт против одлуката на Град Скопје на предлог на градоначалникот Петре Шилегов да ја зголеми месечната цена за паркирање од 300 на 800 денари. Тие и денес и вчера за време на паузата излегоа да протестираат во кругот на клинички центар против оваа одлука на Град Скопје, бидејќи сметаат дека со зголемување на цената на месечниот билет за вработените нема да се реши хаосот со возила.

    За време на протестот вработените носеа налепници „привилегирани“ во знак на револт по изјавата на градоначалникот Шилегов дека пациенти умираат на паркинг не можејќи да дојдат до клиниките од возилата на вработените, и зошто тие треба да бидат привилегирани и да плаќаат поевтин месечен билет за паркирање од останатите граѓани што плаќаат за паркинзите во Скопје.

    „Одлучивме денес да не ги блокираме наплатните рампи, бидејќи не замоли нашиот ресорен министер за здравство Венко Филипче, кој денес треба да има средба со градскиот татко да го реши проблемот. Доколку Градот не ја повлече одлуката, утре ќе ги блокираме наплатните пунктови. Со тоа нема да направиме штета на пациентите, бидејќи нема да ги блокираме рампите за влез и излез, а Градот ако е толку засекиран за пациентите еден ден може да ги отвори рампите и да не им наплати ним паркинг, и само од нас привилегираните да наплати“, вели д-р Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на вработените во клиничкиот центар.

    Тој вели дека остануваат на барањето паркингот да се врати во владение на Клиничкиот центар, бидејќи ЈП „Градски паркинг“ освен што наплатува влез и излез, нема ништо вложено овие години за да се обезбедат соодветен број места за паркирање.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира