ЗА 120 ГОДИНИ ИЛИНДЕН КОВАЧЕВСКИ НА СКОПСКО КАЛЕ, ПЕНДАРОВСКИ ВО ПЕЛИНЦЕ, А ЏАФЕРИ НА МЕЧКИН КАМЕН ВО КРУШЕВО

    ЗА 120 ГОДИНИ ИЛИНДЕН КОВАЧЕВСКИ НА СКОПСКО КАЛЕ, ПЕНДАРОВСКИ ВО ПЕЛИНЦЕ, А ЏАФЕРИ НА МЕЧКИН КАМЕН ВО КРУШЕВОГодинава 2 Август ќе се празнува под слоганот „120 години Илинден - Огниште на татковината“. (Фото: Влада)

    Под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“, годинава ќе се одбележува  2 Август, Денот на Републиката – Илинден, соопшти Владата. Традиционално, државни делегации ќе учествуваат во чествувањето. Во Крушево на Мечкин Камен годинава ќе се обрати претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски ќе учествува на празнувањето во Скопје на Кале, а претседателот Стево Пендаровски во Пелинце.

    Како што велат од Владата, и оваа година „граѓаните ќе го слават националниот празник почитувајќи ги заедничките, интеркултурни вредности, меѓусебно почитувајќи се, празнувајќи гордо, достоинствено и обединето“. По повод чествувањето на денот, кога се слави 120 години од започнувањето на Илинденското востание, прогласувањето на Крушевската Република и денот кога пред 79 години е одржано Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на македонската државност, ќе се одржат низа свечености во организација и со учество на државниот врв.

    На 1 август во 20:30 часот во Крушево, традиционално, во организација на манифестацијата „Десет дена Крушевска република“ се отвора истоимената манифестација која ги претставува културата, традицијата и историјата на Крушево. На отворањето на  „Десет дена Крушевска република“ ќе присуствува и ќе се обрати и премиерот Димитар Ковачевски.

    Одбележувањето на Денот на Републиката, Илинден на 2 Август ќе започне со настаните во Скопје, каде на свечена манифестација на Кале пред Споменикот на слободата „Сила, слава и победа” ќе се обрати премиерот Ковачевски. По обраќањето на премиерот на свеченоста, следува културно уметничка програма.

    Во 8:30 часот владина делегација во чиј состав се министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски  и заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ ќе положат цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена борец“ во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на Плоштад Македонија.

    Претседателот на Собранието Талат Џафери, предводејќи висока државна делегација со државни почести и чествувања ќе го одбележи Илинден во Крушево. Во состав на владината делегација во Крушево се министерот за земјоделство Љупчо Николовски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Владината делегација од 9 часот ќе оддаде почит на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење, и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската република. Од 10 часот, со присуство на владината делегација на панихидата за загинатите илинденци во црквата „Св. Никола“, и со положување цвеќе на споменикот на Мечкин Камен продолжува церемонијата, по што на Мечкин Kамен во 11:30 часот свечено ќе се обрати претседателот на Собранието, Џафери. Во рамки на централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август во Крушево ќе биде одржана празнична културно-уметничка програма.

    Претседателот на државата Стево Пендаровски во 10:15 часот ќе се обрати пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце. Во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија – АСНОМ, пред споменикот на АСНОМ, ќе биде положено цвеќе, по што претседателот Пендаровски, ќе се обрати и следува организирана културно-уметничка програма. На споменикот на АСНОМ во Меморијалниот центар Пелинце владината делегација ја сочинуваат министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

    Свечената програма за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општината Демир Хисар, каде се чествува со положување цвеќе и фолклорна манифестација.

    Од 9 часот, владината делегација во состав на заменик-министерот за финансии Филип Николовски и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, ќе оддадат почит на могилата на Даме Груев, споменикот на смилевските илинденци и  спомен-плочата на Смилевскиот партизански одред, по што следува посета на Меморијалниот музеј, положување цвеќе на споменикот на Даме Груев, по што во спомен паркот „Даме Груев“ започнува традиционалната прослава.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира