ЗА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР ВМРО-ДПМНЕ ТРЕБА ДА СЕ ОДНЕСУВА ИСТО КАКО СЕСТРИНСКАТА ПАРТИЈА НОВА ДЕМОКРАТИЈА ВО ГРЦИЈА, ВЕЛИ ЕКСМИНИСТЕРОТ ДИМИТРОВ

    ЗА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР ВМРО-ДПМНЕ ТРЕБА ДА СЕ ОДНЕСУВА ИСТО КАКО СЕСТРИНСКАТА ПАРТИЈА НОВА ДЕМОКРАТИЈА ВО ГРЦИЈА, ВЕЛИ ЕКСМИНИСТЕРОТ ДИМИТРОВНикола Димитров заедно со тогашниот грчки министер за надоврешни работи Никос Коѕијас на 17 јуни 2018 во Нивици, Преспа го потпишаа Преспанскиот договор, со кој се реши 30-годишниот спор за името со Грција. (Фото: СДК.МК)

    Владата на ВМРО-ДПМНЕ за Преспанскиот договор треба да се однесува како сестринската владејачка партија Нова Демократија во Грција – договорот мора да се почитува, вели ексминистерот Никола Димитров во анализата на изборните резултати објавена на сајтот на Советодавната група за политики на Балканот во Европа (БиЕПАГ).

    Димитров заедно со тогашниот грчки министер за надоврешни работи Никос Коѕијас на 17 јуни 2018 во Нивици, Преспа го потпишаа Преспанскиот договор, со кој се реши 30-годишниот спор за името со Грција. Македонија доби ново уставно име, Северна Македонија, и беше примена за 30-та членка на НАТО. Преспанскиот договор беше резултат на владите на Зоран Заев од СДСМ и Алексис Ципрас од левичарската Сириза. Во 2019 на власт во Грција дојде десничарската Нова демократија на чело со Кирјакос Мицотакис.

    „Изгледите за системски промени и фундаментални реформи тесно зависат од способноста на граѓаните да останат ангажирани по денот на изборите, како и од кредибилитетот на политиката за проширување на ЕУ. Останува да се види дали владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе успее успешно да се движи во процесот тешко оптоварен со билатерални спорови, во најмала рака. Прво, и покрај изборната реторика и нејзините критики за Договорот од Преспа со Грција, ќе биде мудро владата да усвои став сличен на оној на нивниот грчки партнер од ЕПП, Нова демократија, во Атина: Не ни се допаѓа, ние ќе можевме подобро, но pacta sunt servanda (латиниски: договорот мора да се почитува). Второ, мора да се најде решение заедно со Бугарија, за да се деблокира влезот на Северна Македонија во ЕУ, како и целосно да се сврти актуелната динамика губи-изгуби во македонско-бугарските односи. Анкетите ја посочуваат Бугарија како најголема согледана закана, а на второ место е Русија. Со толку силен политички легитимитет на идната влада, нема да функционира само притисок да се надмине пречката за уставните амандмани со кои се условува втората меѓувладина конференција со ЕУ“, вели Димитров во анализата насловена „Анатомија на падот“ објавена ден по македонските парламентарни и претседателски избори на 8 мај.

    Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис во интервју во четвртокот, ден по изборите во Македонија, кажа дека се надева оти „ќе нема промена во надворешната политика на Северна Македонија“.

    „Сите сме должни да се држиме до договореното. Иако навистина имаше одредени изборни испади, сметам дека климата нема да биде нарушена од дополнителна причина што Преспанскиот договор е формален предуслов за пристапниот пат на Северна Македонија кон ЕУ, што не го оспорува [новото] раководството на соседната земја“, изјави Герапетритис.

    Во интервју за грчката телевизија „Алфа“, премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис вчера кажа дека „со загриженост“ ги следи изјавите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, но и дека „со голем интерес“ го чека официјалниот став на новиот премиер за да види „на кој начин ќе се осврне на името на неговата земја“.

    „Сакам да бидам јасен. Јас лично не се согласував со Договорот од Преспа, а особено со одредниците ‘македонска нација’ и ‘македонски јазик’. Но, го прифатив Договорот во рамките на континуитетот на државата и препознав дека, и покрај моето несогласување со Договорот, морам да го почитувам. Истите барања постојат и сега од новото раководство на Северна Македонија. Да бидеме трпеливи. Сакам да се надевам дека оние работи што се слушнаа предизборно, нема да бидат официјална позиција на новата Влада постизборно, бидејќи ако се случи ова ќе имаме проблеми“, рече Мицотакис.

    Димитров во анализата вели дека „политичкиот капитал вложен во Договорот од Преспа не беше награден од ЕУ, првично поради Франција, по што следеа непристојните барања на Бугарија, што ја направи Унијата соучесник, барем по ова прашање“.

    „Таканаречениот француски предлог што владата го прифати во 2022 година, дизајниран да го отклучи пристапот на Северна Македонија во ЕУ, беше сфатен како неурамнотежен и на него силно се спротивставува огромно мнозинство етнички Македонци, зголемувајќи го евроскептицизмот и труејќи го европскиот наратив. Како резултат на неисполнетите ветувања, според неодамнешното истражување на јавното мислење на ИРИ, само 34 отсто од граѓаните сметаат дека ЕУ е сериозна во намерата да им понуди членство на земјите од Западен Балкан“, вели Димитров.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира