ЗА РЕНОВИРАЊЕ НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА СЕ ЗБОРУВА 15 ГОДИНИ, 9 ГОДИНИ Е ЗАТВОРЕНА И СКАПУВАШЕ, А СЕГА СЕ ЗАПАЛИ

    ЗА РЕНОВИРАЊЕ НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА СЕ ЗБОРУВА 15 ГОДИНИ, 9 ГОДИНИ Е ЗАТВОРЕНА И СКАПУВАШЕ, А СЕГА СЕ ЗАПАЛИНи ВМРО-ДПМНЕ ниту СДСМ над 15 години не успеаа да ја реновираат Универзална сала. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Универзалната сала во Скопје која што вчера се запали, над 15 години се најавува дека ќе се реновира, но не само што не е обновена, туку објектот 9 години е затворен. Пожарот вчера утрото изби само еден месец откако почнаа градежните работи за нејзина реконструкција. Кои се причините за пожарот не се знае, тоа треба да го открие истрагата на полицијата. Додека трае истрагата, на објектот не можат да се вршат никакви градежни работи, па тоа значи дека повторно ќе биде одложено реновирањето.

    Власта на ВМРО-ДПМНЕ направи цел проект „Скопје 2014“ и потроши 700 милиони евра за згради и споменици, а пари за Универзална не најде. СДСМ откако дојде на власт во 2016 година зборува дека ќе ја реновира, но тоа не е направено, почна дури во септември 2021, на крајот на мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов. За ДУИ, кои 20 години се на власт и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ, Универзалната сала не е предмет на интерес.

    Хронологија на реновирањето на Универзална сала

    – Првиот проект за реновирање на Универзална сала беше направен во 2009 од „Архангел бојс“, според кој се задржува автентичниот изглед, но салата се надградува со застаклена галерија околу целиот објект и се зголемува бројот на седишта за 200. Но, никогаш не се реализира.

    – Во 2013 кога на големо се правеше „Скопје 2014“ Министерството за култура кога министерка беше Елизабета Канчевска-Милевска објави нов план според кој салата требаше да се урне, а на нејзино место да се изгради целосно нов објект во форма на јајце. Новата сала требаше да се гради според проектот на архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“, со голема сала со 2.500 до 3.000 седишта, мала за камерни изведби со околу 300 места и административни простории. Овој проект едногласно го избра деветчлена стручна комисија, под претседателство на архитектот Вангел Божиновски.

    – Во јануари 2015 Град Скопје во време на ексградоначалникот Коце Трајановски Универзална сала е преименувана во Конгресен центар Александар Македонски.

    – На 10 март 2015, на партиската трибина лидерот на СДСМ Зоран Заев ја пушти бомбата број 8 за изборни измами. По завршување на трибината, парче од таванот се откорна и падна врз седиштата. Тоа беше причина да се одложат сите планирани настани во Универзална, а одговорните тогаш одлучија место да го санираат само таванот, да се почека целосната обнова на салата.

    – Во март 2016, од финансиски причини беше откажана изградбата на салата во форма на јајце, а Министерството за култура најави дека обновата на Универзална ќе биде по проектот на „Архангел бојс“.

    – Во мај 2018 тогашниот градоначалник Петре Шилегов и тогашниот министерот за култура Роберт Алаѓозовски потпишаа договор дека догодина ќе почнат да ја реновираат Универзална сала. На потпишувањето рекоа дека не се знае како ќе изгледа проектот според кои ќе се реновира концертната сала и дека допрва ќе се прави и избира. Како што кажа тогаш Шилегов во Градот постојат три проекти но ниту еден од нив не бил соодветен и во наредниот период ќе се доразработуваат за да се избере најсоодветно решение.

    – На 4 октомври 2018 повторно беше вратено името Универзална сала, а не Конгресен центар Александар Македонски.

    – На 16 декември 2019 ексградоначалникот Петре Шилегов најави дека на конкурс ќе се прави нов проект за Универзална оти постојните два едниот за реконструкција, другиот за комплетно нов објект во форма на јајце, не се добри.

    – На 13 јуни 2020 Асоцијацијата на архитекти на Македонија предложи новата Универзална сала да се гради на друга локација бидејќи според предвидената големина, објектот е несоодветен за постојната, а на локацијата да се гради парк. Шилегов сметаше дека оваа идеја е добра па дури Градот распиша и конкурс за идејно решение за парк на местото на Универзална, а предложи комплетно нова сала да се гради кај оранжериите на ЈП „Паркови и зеленило“. Но, ваквата идеја наиде на големи реакции во јавност, на социјалните мрежи вриеше од реакции дека се уништува симболот на Скопје. Беа организирани и дебати по што Шилегов се откажа од оваа идеја.

    – На 20 октомври 2020 Шилегов кажа дека Универзална ќе се реконструира во постојната големина и со постојниот изглед.

    – На 1 март 2021 беше промовиран новиот проект на архитектот Бујар Муча, кој Градот како донација го доби од неговото проектантското биро „Мегарон инженеринг“. Со проектот се задржува постојната форма и габарит односно се зачувува духот на Универзална сала. Се прави внатрешна реорганизација на просторот и ќе се употребат нови материјали на фасадата за таа да биде енергетски-ефикасна. Се зголемува фоајето,  се предвидува нов распоред на седиштата кои сега се тесно поставени односно ќе се намали бројот од 1.500 на 1.100 или 1.200. Куполата се зголемува и ќе свети навечер.

    – На 8 јуни почнува реконструкцијата на салата.

    – Во ноември со доаѓање на функција на градоначалничката Данела Арсовска градежните работи се стопирани и со месеци не се знае што ќе биде со проектот.

    – На 22 февруари 2022 Арсовска не прес-конференција кажува дека проектот не е безбеден затоа се стопирани градежните активности.

    – На 16 ноември 2022 Владата најави дека ќе ја одземе Универзална на Градот и градежните работи ќе ги продолжи Министерството за култура.

    – На 18 септември 2023 година после една година натегање и карање Министерството за култура ја презеде концертната сала.

    – На 16 февруари 2024 продолжи реконструкцијата на Универзална сала.

    – На 9 април 2024 Универзална сала се запали.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира